Фестивали

Прес во Штип, логика во пензија

Годинава кога Макфест слави 40 години постоење, организаторите решија јубилејот да го одбележат со три вечери на 23, 24 и 25 октомври во Штип. Супер. Сè е убаво, симболично, родно место, емоции. До моментот кога некој ќе праша: „А пресот?“ И тука следува класичниот макфестовски момент – ајде да направиме нешто што никој не очекува.

Наместо во Скопје, каде што сите медиуми, телевизии, портали и новинари се на едно место, прес-конференцијата ќе се одржи на 15 октомври во Штип. Зошто? Затоа што симболика, носталгија и најверојатно некоја стара мапа од 1984 год. Новинарите разбирливо се чудат. Дел од нив со години го следат фестивалот и знаат дека кога пресот се одржува во Скопје, има гужва, камери, прашања, интерес. Овојпат ќе има најверојатно локални медиуми и три камери со Wi-Fi проблеми.

Секако, организаторите велат дека идејата е враќање на корените. Убаво. Само што некогаш е добро да се вратиме со автомобил, не со машина на времето. Без разлика на сè, Макфест останува институција. 40 години музика, настапи, хитови и многу убави спомени. Ама годинава, покрај песните, ќе се памети и по прашањето: „Зошто едноставно, кога може комплицирано?“.

Автор на текстот: Дамјан.И.

Можеби ќе ве интересира: