Во пријатната атмосфера на скопскиот хотел „Панорамика“ на 1 март се одржа втората официјална прес-конференција по повод новото издание на „Фолк Фест Владимирово 2026“. Домаќин на средбата беше маестро Горан Алачки, кој пред новинарите, соработниците и блиските пријатели ги претстави 12-те нови композиции што годинава ќе се натпреваруваат на фестивалот.
Фестивалот ќе се одржи на 21 мај, на празникот Св. Спас, во селото Владимирово, со поддршка од Општина Берово како официјален партнер, како и од локалното население. Концептот и визијата повторно ги потпишува Културниот центар „Горан Алачки“, кој и годинава ја презема продукциската и организациската тежина на настанот.
Минатогодишното прво издание постави сериозни стандарди, па љубопитноста околу новите песни беше очигледна уште пред почетокот на преслушувањето. Според првичните впечатоци, новиот материјал го задржува препознатливиот фестивалски дух – традиционален фолк израз со современа продукциска обработка и мелодиски линии што лесно остануваат во сеќавање. Композициите се снимани во студиото на Иван Кукиќ во Струмица, во соработка со Методија Автовски, со што, како што нагласи Алачки, се гарантира квалитетна тонска и продукциска рамка.
Преслушувањето го отвори легендарниот Драган Мијалковски со емотивната „Крушата на татко ми“, песна што ќе го отвори и фестивалското издание на 21 мај. Во продолжение беа претставени и останатите композиции: Жаклина Узунова – „Зарем љубовта е таква“, Нино Величковски – „Дојде зор заман“, Виданка Георгиевска – „Абре дедо стар бел дедо“, Круме Спасовски – „Дојди ми лудо“, Смиља Митревска – „Судбина“, Ванчо Тарабунов – „Еј Малеш мил мој Малеш“, Благоја Грујовски – „Сакам да ти кажам“, Елена Андоновска – „Седум години минаа“, Перо Христов – „Ни црно вино ни бело вино“, Благица Калева – „Цело Берово оро заигра“ и Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ – „Чувајте ни ја нашата песна“.
Песните делуваат приемчиво уште на прво слушање, со рефрени што лесно „влегуваат во уво“ и носат потенцијал за масовно потпевнување – нешто што е суштински белег на фестивал од ваков карактер.

Посебен, длабоко емотивен момент на прес-конференцијата беше ненјавеното доделување на специјалната награда „Трајни вредности“ на долгогодишниот продуцент Методија Автовски. Во атмосфера исполнета со аплаузи и искрени насмевки, признанието му беше врачено како симболична благодарност за неговата посветеност, професионалност и значајниот придонес кон македонската музичка сцена. Очигледно трогнат, Автовски со нескриена емоција изјави дека токму оваа награда му е најдрага од сите признанија што ги добил во својот живот. Неговата искреност и благодарност ја засилија тежината на моментот, претворајќи го доделувањето во еден од највпечатливите сегменти на настанот. Наградата „Трајни вредности“ не претставува само признание за долгогодишна работа, туку и потврда дека вистинските вредности – трудот, интегритетот и љубовта кон музиката – оставаат траен белег. Токму таквиот белег, според присутните, го носи и делото на Методија Автовски, чија работа со години е вградена во многу успешни музички проекти и фестивалски приказни.

По официјалниот дел, каде што тв водителка и водител на фестивалот Ели Танасковска заедно со Алачки ги образложија сите детали околу организацијата, следуваа новинарските прашања. Посебен интерес предизвика прашањето од новинарката (наша колешка и соработничка) Билјана Крнческа од интернет порталот Свет-Аустралиа – прашање за тоа што станува со веќе најавената новинарска награда за најдобра песна на фестивалот – ветување дадено минатата година по самото одржување на „Фолк Фест Владимирово 2026“. Алачки појасни дека сепак одлучил да не ја воведува таа категорија, образложувајќи дека не сака да создава натпреварувачка тензија меѓу имиња со долгогодишно реноме. И покрај сугестијата дека би се оценувале композициите, а не изведувачите, организаторот остана на ставот дека позитивната атмосфера е приоритет.
Сега останува јавноста да го дочека 21 мај и да види дали второто издание ќе го потврди минатогодишниот успех. Ако продукцијата, изборот на песни и организацијата останат на истото ниво, „Фолк Фест Владимирово 2026“ има сериозен потенцијал да се етаблира како значаен фестивал на македонската фолк сцена – со јасен концепт, локална поддршка и звучни музички имиња.
Фестивал што не само што негува традиција, туку и гради сопствен идентитет.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
