Фестивали

Прв фестивал на кинески филм во Битола од 5 до 8 октомври

Битола од 5 до 8 октомври 2026 година ќе биде домаќин на Првиот фестивал на кинески филм, кој ќе се одржи во Националната установа Центар за култура Битола.

Македонската публика за првпат ќе има можност да се запознае со дел од современата кинеска кинематографија преку осум филмови, кои опфаќаат различни жанрови, теми и приказни – од современа драма и анимација, до фантастична авантура и филмови инспирирани од кинеската култура и традиција.

По повод првата соработка со фестивалот, влезот на сите проекции е бесплатен.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 5 октомври во 20:00 часот, во Големата сала на Центарот за култура Битола, со проекцијата на филмот „The Sun Rises on Us All“, во режија на Цаи Шангџун.

Филмот се фокусира на човечките односи и емотивните искуства, следејќи ги приказните на обични луѓе, нивните лични избори, животни предизвици и внатрешни трансформации.

Фестивалска програма

6 октомври – Мала сала

Од 11:00 часот ќе биде прикажан анимираниот филм „Fall Into the Mortal World“, инспириран од традиционалната кинеска митологија, кој ги спојува источната естетика, културните елементи и приказната за созревањето.

Во 20:00 часот следува „The Coffin Painter“, човечка драма која ги истражува семејните односи, осаменоста и емотивните врски меѓу луѓето.

7 октомври – Мала сала

Од 11:00 часот публиката ќе може да го погледне „Monster Hunt 1“, фантастична авантура која ги комбинира кинеската митологија, комедијата и семејната забава.

Во 20:00 часот следува „When the Night Meets Light“, современа драма посветена на личните емоции, животните искуства и изборите со кои се соочуваат обичните луѓе.

8 октомври – Мала сала

Филмската програма продолжува во 11:00 часот со „Monster Hunt 2“, продолжението на фантастичната авантура, со нови предизвици и приказна наменета за целото семејство.

Во 19:00 часот ќе биде прикажан „Like a Rolling Stone“, филм за личниот развој, самооткривањето и храброста да се направат важни животни промени.

Фестивалот ќе заврши со проекцијата на „24 Flavours“ во 21:00 часот, приказна која преку храната ги поврзува кинеската култура, традицијата и човечките односи.

Од Центарот за култура Битола ги покануваат љубителите на филмот да бидат дел од првото издание на фестивалот и да ја запознаат современата кинеска кинематографија преку разновидна филмска програма.

Можеби ќе ве интересира: