Фестивали

Радовиш добива нова традиција: Првиот „Радовишки вински двор“ носи два дена вино, музика и гастрономија (Фото)

Радовиш викендов ќе стане центар на доброто вино, богатите вкусови и квалитетната музика. На 17-ти и 18-ти јули, на плоштадот „Св. Спасо Радовишки“, за првпат ќе се одржи новата манифестација „Радовишки вински двор“, која има амбиција да прерасне во препознатлив летен настан и нова традиција во градот.

Во текот на двата фестивалски дена, посетителите ќе можат да дегустираат врвни македонски вина од домашни винарии, да уживаат во разновидна гастрономска понуда, како и во богата музичка програма што ќе ја надополни фестивалската атмосфера.

Првата фестивалска вечер, во петок (17 јули), ќе биде резервирана за настапите на „Викторија бенд“, „Куку Леле“ и „Пауза за ракија“, кои ќе се погрижат за одлично расположение и забава до доцните вечерни часови. Во сабота (18 јули), музичката програма продолжува со настап на „Троја“, трибјут бенд посветен на легендарната рок група „Рибља чорба“, по што следуваат концертот на „Суперхикс“ и завршната журка со DJ Сарлито.

Покрај музиката, организаторите најавуваат и бројни изненадувања, дружење и можност посетителите да ги откријат богатството и квалитетот на македонската винска традиција во пријатна и фестивалска атмосфера.

Од Општина Радовиш упатуваат покана до граѓаните од целиот регион, како и до љубителите на виното од целата држава, да бидат дел од премиерното издание на „Радовишки вински двор“ и заедно да ја започнат приказната за манифестација која има потенцијал да стане еден од најатрактивните летни вински фестивали во Македонија.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: