Организаторите на „Сандево фест 2026“ ја информираат јавноста дека е направена измена во програмата на годинашното издание на фестивалот, која е донесена поради големиот православен празник Отсекување на главата на Свети Јован Крстител, што годинава се одбележува на 11 септември.
Наместо првично најавената дводневна програма, содржините предвидени за петок, 11 септември, ќе бидат пренесени и интегрирани во програмата за сабота, 12 септември 2026 година, кога посетителите ќе имаат можност на едно место да ги проследат сите планирани фестивалски активности.
Со новиот распоред, „Сандево фест 2026“ ќе понуди богата целодневна програма во која ќе бидат застапени музички настапи, фолклорни содржини, настапи на домашни и регионални изведувачи, DJ сетови, забавни активности за најмладите, како и богата гастрономска понуда, со што фестивалот ќе ја задржи својата препознатлива атмосфера и концепт. Организаторите посочуваат дека одлуката е донесена од почит кон традицијата и верските вредности, истовремено настојувајќи фестивалската програма да остане комплетна и квалитетна за сите посетители.

Новиот распоред за 12 септември е веќе објавен, а организаторите ги повикуваат сите љубители на добрата музика, традицијата и дружењето да бидат дел од четвртото издание на „Сандево фест“, кое и годинава ќе се одржи во Чучер-Сандево, во прегратките на Скопска Црна Гора. Фестивалот и оваа година ветува незаборавна атмосфера, многу музика, забава и дружење, обединувајќи ги посетителите од целата земја на едно место.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
