Фестивали

Со концерт на каталонската пејачка Силвија Перез Круз се отвара „ОФФ Фест“

Со концерт на каталонската пејачка Силвија Перез Крус се отвара 19-то издание на „ОФФ Фест“. Перез Крус ќе одржи концерт на 3-ти ноември во Македонската филхармонија каде ќе го претстави својот најнов проект „Фарса” (Farsa), во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата.

Извонредната каталонска пејачка Силвија Перез Круз, еднакво позната во џез, фадо и во фламенко круговите, со текот на годините прерасна во исклучителен музички раскажувач. Растела во музичко семејство, изучувајќи џез пеење, пијано и саксофон. За време на студиите во Барселона, заедно со три пријателки, ја формира фламенко групата „Las Migas“, која што добива сериозно внимание и огромна популарност низ цела Шпанија. Нејзината соло кариера започнува на 27-годишна возраст, компонирајќи своја музика и развивајќи индивидуален стилски израз. Пее претежно на шпански, каталонски и португалски, а има соработувано со музичари како Joan Manuel Serrat, Jorge Drexler, Natalia Lafourcade, Gino Paoli, Javier Colina, Hamilton de Holanda, Rocío Molina, Toquinho и многу други. Има снимено 6 албуми, од кои два станаа “златни“, „11 de Novembre“ и „Granada“. Таа, во исто време, редовно пишува музика за филм, театар и танцова продукција, за што има добиено бројни награди.

Се чини дека постои консензус околу една работа кога станува збор за нејзините настапи: без разлика дали пее свои песни или преработки, нови или стари композиции, на овој или оној јазик, на сцената секогаш на крајот доминира еден јазик – јазикот на емоциите. Новиот проект на Силвијa, „Farsa“, претставува песни што таа ги напиша во содејство со други уметници и различни уметнички дисциплини: театар, филм, танц, сликарство, фотографија, поезија. Последните примери (сите од 2018) ги наоѓаме во филмот „La noche de 12 años“ (Дванаесетгодишна ноќ), оригиналната музика за делото „Grito Pelao“ со танчерката Rocío Molina и нејзините композиции за драмата „Cyrano“ со Lluís Homar. Во духот на ваквиот интердисциплинарен дијалог и воедначеност со целиот проект, значајна е и поврзаноста на фотографијата и песните. Силвија, истовремено, го позајмува својот лик за потребите на артистичкиот мејкап, нејзиното лице служи како сликарско платно, директно инспирирано од музиката.

Можеби ќе ве интересира: