Фестивали

Со нејзите познати балкански хитови Јелена Розга го затвори 14-то издание на традиционалниот “Етно плоштад фестивал” (Фото+Видео)

Вчера вечер сите патишта водеа кон Берово. Од каде и да свртите и каде и да бевте појдени, етно саемот на традиционалните беровски производи “Малешевијата на дланка” и “Етно плоштад фестивалот” беше дестинација која едноставно не можеше да се одмине.

Ако минатите две вечери плоштадот “Димитар Беровски” беше исполнет и се бараше место повеќе, за вчерашната вечер однапред се резервираа места што поблиску до бината и до ѕвездата на вечерта и овогодинешното фестивалско издание – Јелена Розга.

Но да почнеме од почеток. Фестивалската програма како што и беше најавено, започна во 20 часот со настап на Филип Пецовски и неговиот бенд. Тие пееја песни кои се блиски и познати на помладите, но и повозрасните кои беа присутни на плоштадот кој пополека се исполнуваше. Атмосферата која се загреваше продолжи со настапот на локалните изведувачи Ангел и Иван кои рака на срце ем беа одлични ем ја забавуваа присутната публика со познати македонски но и екс ју хитови. Настап кој го наполни целиот беровски плоштад. И нормално, сите ја очекуваа ѕвездата на вечерта Јелена Розга.

А таа пак, неуморна, позитивна, разиграна и весела се појави на сцената и заедно со својот бенд во 22:30 часот го започна долго очекуваниот и најавуван концерт кои сите нетрпеливо го очекуваа. Како и секогаш и овој пат, пред беровската публика ги отпеа своите најголеми хитови и рефрени.

“Минут срца твог”, “Дани су без броја”, “Ко ме зове”, “Циркус”, “Минус и плус”, “Гинем”, “Ти си жеља мог живота”, “Нирвана”, “Бижутерија”, “Цунами”… беа само дел од песните и препознатливите рефрени кои присутната публика имаше ретка привилегија и можност да ги слушне во живо испани од една од најдобрите хрватски и балкански музички ѕвезди.

Интересно е што за време на својот настап Розга се симна во публиката и им даде можност да дел од своите фанови да отпеат рефрен од нејзините песни. Инаку, ова е прв настап – концерт на Јелена Розга во Берово.

На крајот од целата манифестација ќе заклучиме дека се помина во најдобар ред и дека Берово викендов беше вистинска дестинација и за одмор и за вистинско уживање и забавување. Веруваме и се надеваме, барем според она што ни го кажа градоначалникот Пекески, дека следната јубилејна 15-та година од “Етно плоштад фестивалот” ќе биде врв и јубилеј во вистинска смисла на зборот.

Ние од Музика24 освен што известувавме за “Етно плоштад фестивалот”, направивме и ексклузивно интервју со градоначалникот на Општина Берово, како и репортажа за овој преубав малешевски град кои ќе имате прилика да ги прочитате во текот на следните неколку дена.

Од Берово за Музика24: Иван Јосимовски

Фото: Игор Пехчевски

Видео: Делчево365

Можеби ќе ве интересира: