Со операта „Севилскиот берберин“ на 2-ри октомври започнува 29-тото издание на интернационалниот фестивал на класичната музика „Интерфест“ – Битола.
Операта на Националната Опера и Балет е под диригентска палка на Иван Еминовиќ а настапуваат солисти, хорот и оркестарот на НОБ. Во главнит улоги се Билјана Јосифов (Розина), Маријан Јовановски (Фигаро), Дејан Стоев (Гроф Алмавива), Злата Тошевска (Берта), Владимир Саздовски (Дон Базилио) и Невен Силјановски (Дон Бартоло).
Дејствието од операта се одвива во Севиља. Розина е млада девојка која е заљубена во грофот Алмавива. Младиот и убав гроф секојдневно пее под прозорецот на Розина со цел да и се приближи. Но, Розина ја чува стариот доктор Бартоло, кој сака да се ожени за неа и не и дозволува да излезе од куќата. Фигаро, личниот бербер на Бартоло, им помага на Розина и Алмавива да се запознаат, претставувајки го Алмавива како учител по пеење. И додека Фигаро го бричи Бартоло, Розина и Алмавива се договараат околу својата иднина. За да ја остварат заедничката љубов, на Розина и Алмавива им помага Фигаро, така што им носи матичар и сведоци. Во тој момент се одвива венчавката, а стариот Бартола мора да ја прифати победата на младоста и љубовта.
