Вчера вечер на Ракометното игралиште во Битола се одржа концертот „Поп симфонија“, во рамки на фестивалот „Балкан гала“. Камерниот оркестар на Битола во придружба на познати поп-изведувачи од земјава и регионот пред битолската публика ги изведе некои од најпознатите поп-хитови, но во симфониски аранжман. Новиот аранжман е дело на Владимир Димовски и Емин Џијан.
Ѕвезди на вечерта беа Хари Варешановиќ и Сергеј Четковиќ. Покрај нив со Камерниот оркестар на Битола настапија домашните музички ѕвезди: Дарио Панковски, Елена Ристеска, Димитар Андоновски, Ѓоко Танески и Мијата.
Ова беше прв настап на Четковиќ во Битола, додека Хари настапувал пред битолската публика 20-тина пати. Варешановиќ откри дека неговиот прв настап како пионер, бил токму во Битола.
Утре вечер (11.07) на Ракометното игралиште ќе се одржи третиот и последен концерт на фестивалот „Балкан гала“. Камерниот оркестар ќе изведе „Електро симфонија“. Специјален гостин на последната вечер од фестивалот е прогласениот за најдобар диџеј Terry Francis (Велика Британија). Се работи за необична, различна и уникатна програма во која учество имаат многу наши и странски артисти како: Маги Џанаварова (Бугарија), Love Itoya (Грција), Наде Талевска, Виктор Апостоловски, Дина Јовановска, Рената Кралевска, Мартина, Сара Гигова, Огнен Димовски и Стефанија Милевска.
Фото: Ивана Христова







