Денес, 15 октомври, во еден познат штипски локал, се одржа првата и официјална прес-конференција по повод 40-годишниот јубилеј на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“. Иако дел од јавноста очекуваше пресот да се одржи во Скопје – за поголемо медиумско присуство и внимание, организаторите сепак одлучија традиционално да останат во матичниот град Штип, каде што фестивалот е роден и каде што секоја година ја пишува својата историја.
Модератор на пресот беше новинарката Весна Миленковска, а свое обраќање имаа уметничкиот директор Роберт Саздов, продуцентот и претставник на Општина Штип Александар Арсовски, и членот на уметничкиот совет Јован Јованов. Од за нас непознати причини Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, не присуствуваше на пресот.
Организаторите потврдија дека сите подготовки се целосно завршени, а оркестарот со 20 солисти веќе секојдневно ги врши тонските проби. И оваа година фестивалот ќе се одржи во живо, со целосна инструментална изведба.
Јубилејното 40-то издание на „Макфест“ носи новитет – три фестивалски вечери. Првата (23 октомври) ќе биде дебитантска, со 13 нови композиции, втората (24 октомври) ќе претстави 14 поафирмирани и познати македонски изведувачи, а третата (25 октомври) ќе биде ревијална – вечер посветена на најголемите хитови и победници во историјата на фестивалот.
„Мене ми е посебно драго што сме сите дел од овој јубилеј. За разлика од минатите години, оваа година имаме и трета вечер, на која ќе се изведат 16 најпознати песни. За жал, не можеа сите да влезат во програмата, но се трудевме да ги избереме оние кои оставиле траен белег во македонската музика“,
изјави Роберт Саздов, уметнички директор на „Макфест“.
На првата фестивалска вечер – вечер посветена на дебитанти или музички имиња кои се сеуште недоволно афирмирани, ќе настапат:
- Стефан Ефремов – „Слаба страна“,
- Санела Шукриевска – „Цунами“,
- Катерина Јовановиќ – „Зад кулисите“,
- Агни Авшар – „По дождот“,
- Bono & Tammy – „Бамба“,
- Марија Наумовска – „Го сакам дождот“,
- Дино Петриќ (Хрватска) – „Дом“,
- Дорис Ди – „Кога не ме сакаш“,
- Бобан Вељановски – „Нека боли“,
- Emmy – „Без компромиси“,
- Валдера – „Сега збогум“,
- Елена Наумова – „Само нека помине“ и
- Анастасија Никова – „Сите ѕвезди паѓаат“.
Членот на уметничкиот совет, Јован Јованов, нагласи дека во првите две вечери ќе има голема жанровска разновидност – од балади и модерни поп нумери, до рокенрол и етно мотиви.
„Во третата вечер поканивме пејачи од буквално секоја декада. Особено сакаме да ги потсетиме гледачите на пејачите од 90-тите кои ретко ги гледаме денес на медиумите. Ќе биде вистинско потсетување на едно златно време“, додаде Јованов.
Во втората пак фестивалска вечер – вечер посветена на познати и веќе афирмирани македонски музички имиња, на сцената ќе настапат:
- Димитар Андоновски – „Души две“,
- Коки Јанков – „Виолина и…“,
- Young Dadi – „Писмо“,
- Павле Камиловски – „Милион лета“,
- Лара – „Доминантен“,
- Мартинијан Кириловски – „Без да кажеш збор“,
- Јуле Николовска – „Мој си грев“,
- Зоран Ванев – „Душо моја“,
- Марија Атанасова – „Вљубена во лага“,
- Зоран Илиев – „Најмила“,
- Ана Петановска – „Со тебе до ѕвездите“,
- Тамара Волческа – „Ведро е“ и
- Дејан Тасев – „Мене ти ми требаш“.
Фестивалот и годинава ќе се пренесува во живо на Македонската радио телевизија, а сцената ќе биде збогатена со LED екран со површина од над 160 квадратни метри – досега најголем во историјата на „Макфест“. За секоја песна се изработуваат специјални визуелизации синхронизирани со музиката. И оваа година на „Макфест“ ќе се избира најслушна песна, а фестивалот нема да има натпреварувачки карактер со победници.
На прес-конференцијата присуствуваа и дел од поранешните учесници и победници, меѓу кои Лара, Коки Јанков (Дуле и Коки) и Зоран Илиев, кои споделија убави спомени од настапите и искуствата поврзани со фестивалот.
На третата ревијална вечер посветена на големиот 40 годишен јубилеј на „Макфест“, на фестивалската сцена ќе зачекорат и повторно своите големи хитови, рефрени и евергрини ќе ги отпеат следните музички имиња:
- Владо Јаневски – „Еден бакнеж“,
- Сашко Гигов-Гиш – „Моја гитара“,
- Ристо Самарџиев – „Таму каде што си“,
- Мики Јовановски-Џафер – „Сонце за три светови“,
- Емил Канаваро и Дарко Андонов – „Тања“,
- Олгица Христовска – „Свирете ја зајди зајди“,
- Питер Џон Босе – „Самба во Штип“,
- Росана – „Признавам“,
- Силви Бенд – „Ангели ме носат“,
- Тања Кочовска – „Твоите очи сине“,
- Коки Јанков – „Виолина и гитара“,
- Јован Јованов, Маја Саздановска – „Ти ме сакаш знам“ и „Магија“,
- Трајче Манев – „Осамен“,
- Ламбе Алабаковски – „Не планирам“,
- Пајак и Лара – „Бела“ и
- Бојана Скендеровски – „Немам одбрана“.
Водители на сите три вечери повторно ќе бидат Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, кои со својот шарм веќе неколку години успешно ја носат енергијата на фестивалот.
Со повеќе од 40 години традиција, стотици песни и десетици музички ѕвезди, „Макфест“ останува најголемиот македонски фестивал на забавна музика. Во наредните денови, Штип повторно ќе стане срцето на македонската песна, место каде ќе се слави музиката, креативноста и емоцијата што ја обединува цела Македонија.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
