По 14 години магија на брегот на Дојран, најголемиот летен фестивал во Македонија започнува ново поглавје. Од оваа година, Д Фестивал станува The Festival и добива нов дом – градот Штип. Организаторите од „Пасворд продукција“ најавуваат дека јубилејното 15-то издание ќе се одржи од 4 до 6 јули, во нов амбиент – опкружен со планини и реката Брегалница, под величествениот Исар.
„Полека и сигурно, нашата Д заедница расте. Како дете кое го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и фестивалот тргнува по нов пат“, стои во објавата на организаторите.
Со години, Д Фестивал беше синоним за слобода, музика под ѕвездите и незаборавни изгрејсонца крај езерото. The Festival сега отвора нови хоризонти, носејќи ја својата енергија во срцето на Источна Македонија.
Останува да видиме какви изненадувања ќе донесе оваа голема промена – но едно е сигурно: фестивалскиот дух останува жив, а новиот дом ветува уште поуникатно искуство за сите љубители на музиката и авантурата.
