Фестивали

Три дена музика, пиво и надеж за враќање на стариот сјај – „Пивофест 2026“ најавува големи музички имиња и нова фестивалска приказна (Фото)

Градот под Марковите кули повторно ќе биде центар на летната фестивалска атмосфера. Како што неофицијално дознава музичкиот портал Музика24, најновото издание на „Пивофест“ ќе се одржи од 17 до 19 јули 2026 година, продолжувајќи ја практиката фестивалот да трае три фестивалски вечери.

„Пивофест“ со децении претставува еден од најпрепознатливите македонски фестивалски брендови, привлекувајќи десетици илјади посетители од земјава и регионот. Комбинацијата од музика, гастрономија, дружење и уникатната прилепска атмосфера го направија фестивалот симбол на летото во Македонија. Иако засега не се објавени имињата на изведувачите кои ќе настапат на главната сцена, организаторите најавуваат присуство на најголемите домашни и балкански музички ѕвезди. Токму програмата е она што традиционално предизвикува најголем интерес кај публиката и претставува клучен фактор за посетеноста на фестивалот.

Постарите посетители со носталгија се сеќаваат на периодот кога „Пивофест“ траеше четири фестивалски вечери и беше еден од најпосетените настани во регионот. Во тие години, Прилеп беше преполн со гости, а фестивалската атмосфера се чувствуваше во секој дел од градот.

Последните неколку изданија, според реакциите на дел од јавноста и долгогодишните посетители, не успеаја целосно да ги оправдаат високите очекувања. Токму затоа, годинашното издание носи дополнителна доза на исчекување и надеж дека фестивалот ќе успее повторно да го достигне нивото по кое беше препознатлив низ целиот Балкан.

До официјалното објавување на музичката програма останува уште време, но едно е сигурно – од 17 до 19 јули погледите повторно ќе бидат насочени кон Прилеп, каде што пивото, скарата и музиката ќе ја испишуваат новата фестивалска приказна на „Пивофест 2026“

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: