Вечерва градот под Исарот повторно ќе пулсира во ритамот на македонската музика. Штип ги отвора вратите за 41. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, најпрепознатливата музичка манифестација која веќе четири децении создава песни што остануваат да живеат со генерации.
Денес навистина сите патишта водат кон Штип. Освен што посетителите ќе имаат можност да уживаат во препознатливата штипска пастрмајлија и гостопримството на градот, следните два дена ќе бидат резервирани за она што „Макфест“ најдобро го знае – нови македонски песни, силни емоции и фестивалска атмосфера.
Денес и утре, 30 и 31 октомври, Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе биде домаќин на 27 нови композиции, изведени од исто толку изведувачи, кои ќе се обидат да создадат песна што ќе остане во етерот и долго по завршувањето на фестивалот. И оваа година на сцената ќе се сретнат искусни музички имиња и млади таленти, потврдувајќи дека „Макфест“ останува најважната сцена за промоција на новата македонска забавна музика.
Прва фестивалска вечер – 30 октомври
Вечерва пред публиката ќе настапат:
- Анастасија Спасевска – „1001“,
- Драгана Јовановска – „Te amo“,
- Девана – „Не си ти крив“,
- Kaly и Гоки – „Само ти“,
- Санела Шукриевска – „Дива роза“,
- Ненад Вржалски – „Ме полудуваш“,
- „Три пати на ден“ – „Песна за ангелот“,
- Дорис Ди – „Не, не, не“,
- „Арте-Факт“ – „Вистина“,
- ANNA (Ана Цамбулева) – „Собери сила“,
- Доно – „Немам рефрен“,
- Тамара Грујеска – „До небо“,
- Теа Златева – „Тој“,
- Марија Наумоска – „Сега или никогаш“ и
- Елена Наумова – „Мојот свет“.
Втора фестивалска вечер – 31 октомври
Утре на сцената ќе се претстават:
- Огнен Здравковски – „Осудени“,
- Врчак и Симона Поповска – „Сонце по дожд“,
- Елвир Мекиќ – „Рани“,
- Јован Јованов и Тони Зен – „Уште ми требаш“,
- Ристо Самарџиев – „Да можам само да ја видам“,
- Агни Авшар – „Недофатлива“,
- Наташа Малинкова – „Јави се“,
- Викторија Лоба – „Феникс“,
- Теа Трајковска – „Рано е“,
- Давид Темелков – „Дом“,
- Марија Спасовска – „За тебе можам сè“ и
- Марија Данева – „Не знам јас да губам“.
Основан во 1986 година, „Макфест“ одамна не е само фестивал – тој е дел од музичката историја на Македонија. Од неговата сцена започнаа безброј успешни кариери, а десетици песни станаа евергрини кои и денес се пеат. Токму затоа и годинава љубителите на домашната музика со нетрпение очекуваат да откријат која од 27-те нови композиции ќе стане следниот голем македонски хит.
Музичкиот портал Музика24 и годинава со своја екипа ќе биде дел од ова фестивалско издание од каде ќе Ве известува за сите пред и по фестивалски случувања, интересни настани и се она што е поврзано со овогодинешното издание на „Макфест“.
Во следните два дена, Штип повторно ќе биде местото каде што ќе се испишува ново музичко поглавје. А одговорот на прашањето која песна ќе ја освои публиката и ќе остане да живее со години, ќе го дадат сцената, аплаузите и – времето.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
