Скопје денеска звучеше многу поинаку. Во „Sky Bar“ сместен во хотелот „Панорамика“ не се пиеше само кафе – се вдишуваше музика, се зборуваше за традиција, а воздухот вибрираше од возбуда по повод првата официјална прес-конференција за второто издание на „Владимирово Фолк Фест“.
Во преполнетиот скопски бар, во организација на Центарот за култура „Горан Алачки“ од Владимирово, пред новинарите, уметниците и пријателите и соработници на проектот, прв се обрати идејниот творец и главната движечка сила зад фестивалот – Маестро Горан Алачки, човекот кој една спонтана идеја ја претвори во културно движење.
„Сè започна од еден обичен разговор со Камелија и Марина… И еве не, денес зборуваме за фестивал што ја смени културната слика на цела Малешевија“, истакна Алачки, отворајќи го пресот со благодарност за огромниот интерес.
Тој со особена емоција зборуваше за реновираната сала во Владимирово, која по иницијатива на Центарот за култура „Горан Алачки“ го носи името на легендарниот македонски диригент Ванчо Чавдарски – простор што, како што самиот рече, „го положи испитот за душа и акустика“. Особено внимание привлече најавата дека второто издание на фестивалот „Владимирово Фолк Фест“ ќе се одржи на 14-ти мај 2026 година (Спасовден, четврток) – датум што официјално влегува во музичкиот календар на Македонија.
Снимањето на новите фестивалски композиции ќе стартува во февруари, а веднаш потоа ќе следува втора прес-конференција на која, како што беше најавено, новинарите први ќе ги слушнат сите нови композиции – ексклузива што ретко кој фестивал ја нуди. Концептот на фестивалот останува препознатлив: жив оркестар од врвни инструменталисти, силни вокали и автентична македонска фолк емоција. Но, има и свежина: новите музички имиња што ќе им се приклучат на постојните учесници се Смиља Митревска и Благица Калева – имиња кои што се веќе надалеку препознатливи и докажани и кои што веќе предизвикуваат сериозни очекувања.

Водителката на фестивалот Ели Танасковска одржа инспиративно обраќање, во кое им се заблагодари на музичарите од оркестарот, но и на режисерот Перо Попов од Македонската телевизија, кој го реализираше директниот ТВ-пренос на првото фестивалско издание. Фестивалот, благодарение на сателитските преноси и YouTube, стигна и до македонската дијаспора ширум светот – од Австралија до Канада.
Настанот беше дополнително збогатен со присуството на дел од учесниците од првото издание на фестивалот: Благоја Груевски, Ленче Кукиќ, Круме Спасовски, Драган Мијалковски, Ванчо Тарабунов и Виданка Ѓеоргиева, кои дадоа силна поддршка за продолжување на една убава македонска музичка приказна.
„Владимирово Фолк Фест“ уште еднаш покажа дека не е само фестивал, туку вистинско движење за зачувување и негување на нашето музичко наследство. Организаторите најавија уште поголемо и поквалитетно издание следната година, а присутните си заминаа со една заедничка порака во срцата – дека македонската изворна и новосоздадена фолк музика има светла иднина.
„Владимирово Фолк Фест“ продолжува – како симбол на традицијата, заедништвото и љубовта кон македонската песна.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
