Под светлата на древниот Долни Сарај повторно ќе се испишува музичка историја. Подготовките за 33. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек, а фестивалот уште еднаш најавува програма што ќе го обедини најдоброто од македонската и балканската музичка сцена.
По традиционалната Фолк вечер на 26 август, веќе следниот ден, на 27 август, Охрид ќе биде домаќин на долгоочекуваната Интернационална поп вечер – музички спектакл што секоја година привлекува публика од Македонија, регионот и пошироко. На фестивалската сцена ќе настапат легендарните: Владо Калембер и „Сребрени крилја“, Принцот од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска… и уште многу домашни и регионални музички имиња. Организаторите засега не ги откриваат сите адути, но најавуваат специјални музички гости чии имиња предизвикуваат огромен интерес низ целиот Балкан.





„Охрид фест – Охридски трубадури“ одамна е многу повеќе од фестивал. Во текот на своето повеќедецениско постоење прерасна во еден од најпрепознатливите музички брендови во регионот. Фестивалските вечери биле следени од повеќе од 210 милиони гледачи, програмата се емитувала во педесетина држави, а на неговата сцена настапиле уметници од 37 земји. Денес, фестивалот претставува не само музичка институција, туку и еден од најсилните културни симболи на градот Охрид.

„Токму затоа ги отвораме вратите за сите охриѓани, но и за бројните туристи кои во тој период ќе престојуваат во градот. Влезот е слободен и сите се добредојдени да бидат дел од оваа музичка приказна“, истакнува директорот на фестивалот, Григор Копров.
Тој додава дека долгогодишното искуство и посветеноста на тимот ветуваат уште едно успешно фестивалско издание.
„Со целото искуство што го имам и со тимот со кој работиме со години, уверен сум дека нè очекува одличен фестивал исполнет со квалитетни песни, настапи на докажани домашни изведувачи, гости од странство, легенди од екс-ју сцената и многу млади таленти. Посебно ме радува што годинава „Охрид фест – Охридски трубадури“ повторно ќе се емитува во живо на националниот сервис – Македонската радио телевизија“, вели Копров.

Интернационалната вечер останува препознатлива по својата разновидност – спој на современа поп музика, нови авторски песни, регионални музички легенди и млади изведувачи кои токму од сцената во Охрид го започнуваат својот пат кон пошироката публика. За атмосферата повторно ќе се погрижи омиленото телевизиско лице прекрасната Марјана Станојковска, која и оваа година ќе биде домаќинка на Интернационалната фестивалската вечер.
Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на изненадувањата. Во наредниот период јавноста ќе ги дознава и останатите учесници, специјалните гости и содржините што ќе го направат 33. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ уште едно незаборавно поглавје во историјата на најголемиот македонски музички фестивал.
Овој август, сите музички патишта повторно водат кон Охрид – таму каде што традицијата, емоцијата и добрата песна веќе 33 години создаваат спомени што траат.
„Охрид Фест 2026“ – таму каде што песните стануваат спомени.
