Фестивали

Илјадници гости, музика до доцна во ноќта: Започна 23-то издание на Фестивалот на пивото и скарата – „Пивофест“ во Прилеп (Фото)

Прилеп уште еднаш покажа зошто со децении важи за еден од главните фестивалски центри во Македонија. Со илјадници посетители, преполни улици, богата гастрономска понуда и музичка програма која ја крена публиката на нозе, започна 23-тото издание на Фестивалот на пивото и скарата – „Пивофест“.

Уште во првите часови од отворањето центарот на градот беше исполнет со гости од речиси сите делови на Македонија, но и со бројни посетители од странство. Мирисот на препознатливата прилепска скара, ладното пиво и добрата музика создадоа атмосфера по која „Пивофест“ е препознатлив со години.

Огнен Здравковски – настап на „Пивофест“
Џенан Лончаревиќ – настап на „Пивофест“

Фестивалската програма започна со настап на локален диџеј, продолжи со групата „Бонгас“, а кулминацијата следуваше со концертите на Огнен Здравковски и балканската музичка ѕвезда Џенан Лончаревиќ. Неговиот настап ја претвори фестивалската вечер во вистински музички спектакл, а илјадниците запалени светла од мобилните телефони создадоа сцена која долго ќе се памети. Публиката не дозволи концертот да заврши лесно, па Лончаревиќ остана на сцената и по еден часот по полноќ.

Градоначалникот со водителскиот пар – наздравуваат и официјално го отвораат 23-то издание на „Пивофест“

Со традиционална здравица и кригла пиво, градоначалникот Дејан Проданоски официјално го отвори годинашното издание на „Пивофест“, испраќајќи порака дека Прилеп повторно е подготвен да биде домаќин на еден од најголемите летни фестивали во земјата.

Градоначалникот Проданоски со изјава за медиумите
Програма за 18.07.2026 – вториот ден на „Пивофест“

Првата фестивалска вечер помина во одлична атмосфера, безбедно и во духот на заедничката забава, потврдувајќи дека „Пивофест“ повторно го враќа препознатливиот сјај по кој со години беше симбол на летото во Македонија. Вечерва фестивалската програма продолжува со нови музички имиња. На сцената ќе настапат Lockdown, Јордан Митев, а главна ѕвезда на вечерта ќе биде Милица Павловиќ, од чиј настап се очекува уште една незаборавна фестивалска ноќ.

Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски со премиерот на Република Македонија Г-нот Христијан Мицкоски

Меѓу бројните посетители на отворањето беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој по посетата на Битола пристигна во Прилеп. Тој преку објава на социјалните мрежи истакна дека разговарал со голем број граѓани и нагласи дека ваквите манифестации имаат значајна улога во промоцијата на локалните средини, развојот на туризмот и зајакнувањето на заедништвото.

Со силен старт, одлична посетеност и позитивни реакции од публиката, „Пивофест“ уште на самиот почеток испрати јасна порака – Прилеп и ова лето останува местото каде што се создаваат најубавите фестивалски спомени.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Општина Прилеп

Можеби ќе ве интересира: