Биографскиот филм „A Complete Unknown“ („Целосно непознат“), кој ја раскажува приказната за младиот Боб Дилан, ќе се прикажува на репертоарот на Синеплекс во Скопје од 23 јануари. Филмот е во режија на Џејмс Манголд, а во главната улога е популарниот актер Тимоти Шаламе.
Филмот се снимаше во Њујорк и се фокусира на подемот на Боб Дилан во 60-тите години, прикажувајќи го неговото патување од Минесота до Њујорк како 17-годишен тинејџер со само 16 долари во џебот. Приказната ги опфаќа неговите први чекори во светот на музиката, кога го запознава легендарниот Вуди Гатри, кој во тоа време страда од сериозни здравствени проблеми. Дилан исто така се спријателува со Пит Сигер, Џоун Баез и други значајни фигури кои го обележаа неговиот живот и кариера.
Во филмот покрај Тимоти Шаламе, кој сам ги изведува песните на Дилан, играат и Ел Фенинг, Моника Барбаро, Ник Оферман, Бојд Холбрук и Едвард Нортон. Шаламе доби пофалби за неговата вокална интерпретација, благодарение на тренингот со истиот тренер кој му помогнал на Остин Батлер во филмот „Елвис“.
Режисерот Манголд во едно интервју изјави дека најдобрите биографски филмови не ги прикажуваат сите аспекти од животот на личноста, туку се фокусираат на специфични и значајни моменти. „A Complete Unknown“ се фокусира на клучниот миг во животот на Дилан, кога неговиот талент и амбиции почнуваат да се обликуваат во големиот град.
Филмот веќе привлече големо внимание, а самиот Боб Дилан изрази задоволство и пофалби за проектот, иако сè уште не го гледал. Оваа биографска драма ветува да биде незаборавно искуство за љубителите на музиката и обожавателите на Боб Дилан.
