На аукција во американската сојузна држава Мериленд продаден е часовникот на поранешниот нацистички лидер Адолф Хитлер за 1,1 милион долари.
Аукциската куќа “Alexander Historical Auctions“ од Чесапик Сити, Мериленд го проценила часовникот помеѓу два и четири милиони долари, со образложение дека станува збор за “реликвија од Втората светска војна со историски размери“.
Еврејските водачи се спротивставиле на продажбата, велејќи дека часовникот има мала или никаква историска вредност. Претседателот на аукциската куќа Бил Панагопулос изјави дека купувачот е Евреин од Европа. На часовникот биле изгравирани иницијали “A“ и “Х“ и свастика.

Часовникот бил земен како воен плен од француски војник на 4 мај 1945 година кога неговата единица влегла во колибата на Хитлер – Бергхоф во Баварските Алпи во близина на Берхтесгаден (Баварија, Германија).
Хитлер изврши самоубиство во Берлин на 30 април 1945 година.
