Дарко Ѓорѓески е уште еден македонски талент кој направи бум на музичката сцена во само неколку потези. Млад, шармантен, со дискретна срамежливост, овој убав гостиварчанец од старт ја освои публиката која го препозна неговиот талент уште со првото појавување во „Ѕвездите на Гранд“ минатата година.
Иако на големата грандова сцена на самиот почеток беше детектиран како аматер и тоа токму од Цеца (која подоцна стана и негова менторка) сепак успеа на прва да го предизвика вниманието на безмилосната жири комисија, која во старт се сложи дека дечкото поседува икс фактор и дека заслужува внимание.
Претставувањето на Дарко како македонец кој живее во Грац – Австрија, дополнително ги заинтригира грандовите ментори кои љубопитно го распрашуваа за неговата биографија, па така дознавме дека срамежливиот гостиварчанец пред само пет-шест години заминал да студира во Грац – Австрија, и од како успешно го завршил студирањето продолжил да работи како DJ, но и да продуцира музика, а според образованието е инструменталист односно тромболист.

Неговата недореченост на натпреварувањето, повеќе може да се карактеризира како своевидна мистериозност која му донесе апсолутно внимание, но факт е дека Дарко не ја откри целата вистина, односно, не се пофали дека всушност тој е автор на мега хитот „Бог и батина“ што минатото лето ги покори сите музички платформи и друштвени мрежи.
После неговото појавување во „Ѕвездите на Гранд“ ги заинтригира и македонските медиуми, а музичкиот портал Музика24 прв направи интервју во кое Дарко откри некои детали за себе:
“Пред три години сериозно почнав да се занимавам со продукција, направив мое студио и веќе позади себе имам хит кој сите го знаат “Бог и батина”, неодамна излезе и песната која што ја снимив во соработка со Гога Секулиќ “Зла копија”. А што се однесува до учеството во „Ѕвездите на Гранд“ искрено имав голем мерак. Како мал секогаш ја гледав таа емисија, а впрочем и нема кој не ја гледал кај нас на Балканот. Во една прилика имав можност да настапам со фолк пејачката Тања Савиќ која ме посоветува без размислување да се пријавам. И ете ја послушав”, изјави Дарко во интервју за Музика24.
После една година од ова интервју, Дарко е повторно во жижата на интересот, но овој пат со новата дуетска песна „Да ли, да ли” која ја пее заедно со колешката Миа Смилјаниќ со која во тандем и настапува. Овој нов балкански хит излезе пред само три недели и од прво слушање го инфицира секој вљубеник во убавиот ритам, но и во милозвучните вокали кои сугестивно се надополнуваат.
Младоста, убавината, шармот и сензуалноста се карактеристиките на оваа двојка и јасно е дека времето на Дарко и Миа допрва доаѓа. Интересно е дека Дарко на самиот почеток оставаше впечаток на забавњак, но сега веќе мошне успешно се вклопи во народњачкиот фах, а дикцијата совршено ја извежба и ретко кој знае дека е македонец.
Сите досегашни песни што ги сними се на српски јазик и тоа јасно ја потенцира неговата намера за пробив на српската естрадна сцена. Сепак, македонците помалку разиграно прашуваат зошто досега Дарко нема снимено ниту една песна на својот мајчин јазик – македонскиот, па често таквите коментаи може да се прочитаат и под некои негови објави на социјалните мрежи.

Да се надеваме дека овој талентиран македонец наскоро ќе не изненади и со некоја убава песна на својот мајчин јазик, а до тогаш, ја слушаме „Да ли, да ли” која не остава никого рамнодушен.
Автор на текстот: Билјана Крнческа/Свет Аустралија
