Магазин

Се сеќавате ли на цртаните филмови со кои пораснавме? (Видео)

Секоја генерација има свои херои, свои омилени цртани филмови и нешто по што ќе се сеќава на детството. Ние овој пат пишуваме за цртаните филмови за кои веруваме дека многумина од Вас ќе се сетат и само за миг ќе се навратат во детството кога седнати на некое столче во дневната или детската соба со нетрпение чекале да почне токму тој омилен цртан филм. Тоа беше едно навистина преубаво време кога да се имаше видео дома… тоа беше вистински луксуз, а да се имаше видео касети со најпознатите цртани: Пепелашка, Пинокио, Снежана и седумте џуџиња… е тоа беше вистинска научна фантастика. Но, да почнеме по ред.

Веселите грашковци

Сликата како Буцко се мачи да излезе од слаткарницата на Соња ќе ме прогонува засекогаш. Лошко и Пиратот како олицетворение на негативните ликови во овој весел цртан филм, кој исто како и легендарниот “Микроби” брои вкупно 13 епизоди. Оваа британска телевизиска анимирана серија започнала да се прикажува во 1989 година на телевизијата ББЦ1.

Калимеро

Единственото црно пиленце во фамилијата жолти пилиња, сирото и беспомошно, она за кое никогаш “Нема правда”, е можеби најстариот од сите овие цртани, бидејќи премиерата ја доживеал во далечната 1962 година во едно италијанско тв шоу. Продукцијата на овој цертан филм е интернационална, односно, за неговата реализација биле вклучени јапонски, француски, англиски, италијански и холандски креатори и уметници.

Тетка Биберче

Оргиналното име на Тетка Биберче е Spoon Oba-san, што во буквален превод од јапонски јазик би значело Тетка Лажичка. Да, како што веќе прочитавте, овој цртан филм потекнува од Јапонија работен според новелата “Mrs.Pepperpot” од норвешкиот автор Алф Проусен, со вкупно 130 епизоди со времетраење од 10 минути. Дали некој воопшто може да ја заборави интересната и слатка Тетка Биберче која се намалува и може да зборува со животните…, и ние веруваме дека не.

Микроби

Микроби бил еден од најпопуларните и најгледани цртани филмови, за што може и самите да се увериме со високата 7,3 отценка на Imbd. Овој унгарски цртан серијал се снимал од 1975 година до 1977 година и брои 2 сезони со вкупно 13 епизоди. Роботот Микроби има 3 нозе и 4 очи и најмногу од сите дечиња го сака Пепе. “Пепе ги сака бисерите и бисерите го сакаат Пепе” е една од најпрепознатливите епизоди на овој цртан филм на која што многумина со насмевка се се потсетат и ќе кажат дека таа им е една од најомилените.

Вили Ква Ква

Жолтото пајче Вили Ква Ква е по потекло од Велс. Цртаниот филм е инспириран од детска книга, а истиот се снимал од 1982 година до 1986 година. И случувањата во книгата и во детскиот омилен цртан филм се одвиваат во руралните делови на Велс.

https://www.youtube.com/watch?v=eOD5zKsetXE

Волшебни чевличиња

Овој цртан филм се има прикажувано дури во 62 држави ширум светот. Чевличињата се добитници на Бафта и Голден Авард наградитеза најдобра анимирана серија. Ова е воедно првиот цртан серијал од Британија, односно, од западниот свет што бил прикажан во Советскиот Сојуз. Интересните цртани ликови, Наредникот, Балерината Маре, Кловнот Чарли, Скитко, Полицаецот Чизмо, малата чизмичка со цуцла… и забавата може да започне.

https://www.youtube.com/watch?v=qNqlItdoE-k

Радувањата на Радован

Детето Бохоушек е со потекло од Чешка. Креиран како цртан филм за добра ноќ, ја следи авантурата на среќното дете кое постојано се смее, па поради тоа е прекрстен во Радован. Неговите родители за грижат за градината, а тој ја има убавата Катеринче за другарка и главниот анти херој кој потоа и стана синоним за злобен лик – Лошото детиште Хуго. Оваа анимирана серија е снимана во 1989 година со вкупно 13 епизоди во времетраење од 9 минути.

Можеби ќе ве интересира: