Веќе години наназад на националната Телевизија Сител во рамки на утринската емисија “Ја сакам Македонија”, во вторник и четврток, се емитува добро познатата репортажа “Мое село со Томче” која што главна и основна цел е промоција, презентација и запознавање со македонските села и сите оние помали и поинтересни места во нашата држава кои заслужуваат да бидат претставени и видени од македонската јавност и публика.
По неколку месечна пауза, како впрочем и сите другите телевизиски проекти, така и овој стартува со почетокот на месец октомври и тоа со нови села, нови авантури и доживувања, нови селски средини и запознавања со се она што изобилува и е дел од нашата мила и прекрасна Македонија.

Денес во емисијата “Магазин” гостин беше токму тој, уредникот и водител на најгледаната утринска тв репортажа во Македонија Томче Јосимовски. Тој меѓудругото раскажа за тоа како се одвива едно снимање, колку време е потребно истото да се реализира и секако низ што се поминува екипата за време на снимањето на репортажата.
“Кога започнав, започнав со многу елан и ентузијазам да го работам ова. Кога се подготвуваме да работиме, односно, да снимаме една репортажа се снима многу повеќе материјал отколку што реално се емитува во самата репортажа. Мора да се одбере она што е најинтересно од селото, и се започнува со снимање во раните утрински часови. Многумина знаат да ме прашат: “Кога идеме на снимање, кога ќе снимаме, ќе дојдеме, како ќе биде, ќе биде пола саат-саат…”. Не, тоа може вака делува два пати по 30-на минути на телевизиските екрани кога се емитува, меѓутоа, кога станува збор за да се собере материјал да се направи одлична репортажа, мора да отидеме на терен цел еден ден да бидеме со луѓето од село затоа потоа и таква ни е комуникацијата со луѓето и сме блиски и зближени и комуницираме. Јас со поголемиот дел од луѓето со кои се имам сретнато продолжувам комуникација и после снимањето, се слушаме, како сме, што правиме… Едноставно, на некој начин стекнуваме блискост во тој ден додека сме, цел ден го поминуваме заедно”, изјави Томче во емисијата “Магазин” и додава:
“До сега колку што јас имам искалкулирано и истражувано, досега во петте сезони што поминаа во “Мое село со Томче” се околу 220-230 села кои што се комплетно снимени и емитувани во програма. А во новата 6-та сезона, мислам дека ќе стасаме до 270 села до крајот на оваа сезона, а генерално има околу 500 до 600 села каде што може да се отиде и да се направи прекрасна репортажа. Тоа значи дека во наредните сигурно уште 6-7 години нема да можеме да ги испоприкажеме сите села и да го испрезентираме сето она што го има во Македонија како убавини и како труд, затоа што не знаете во одредени моменти во одредени ситуации доаѓаме до луѓе кои што се со голем елан и желба да си го презентираат селото, да покажат што има, да ги кажат сите детали што ги има, а ние не можеме се во моментот да евидентираме и да опфатиме и го одбираме само она што е поинтересно”.

А освен што Томче е уредник и водител на репортажите, тој во приватниот живот е сопруг и воедно родител на три прекрасни деца, и живее нормален живот како сите останати во една скопска позната населба.
“Едното детенце е четврто одделение, тоа е најстариот Јован. Помалиот Војдан годинава почна прво одделение и ќеркичката Теона има четири годинки. Тие се уште не се свесни дека татко им работи на телевизија. Најстариот почнува да гледа ама се уште се во некој нивни свет каде повеќе ги интересира таблетот, телефонот… Кога одиме некаде заедно фамилијарно на одмор тогаш знаат да забележат, да искоментираат од каде те знаат чичковците што и како. Инаку периодов го трошиме времето на пишување на домашни задачи со Јован и со Војдан навечер, Теона се уште е малечка она не оди во градинка и си седи дома”, објаснува Томче за дел од својот приватен живот и семејството.
Ние од музичкиот портал Музика24 на нашите колеги од Телевизија Сител и “Мое село со Томче” им посакуваме уште многу успешно снимени и реализирани репортажи и уште двојно поголема гледаност од онаа што е сега во моментот.
