Во знак на сочувство и солидарност со семејствата на трагично загинатите млади животи во катастрофалната несреќа во Кочани, на почетната страница на пребарувачот Гугл осамна црна машничка – симбол на жалост и оддавање почит.
„Нашите мисли се со семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани“, стои во пораката која ја придружува овој симбол на сочувство.
Исто така, на платформата Јутјуб, веднаш до логото, може да се забележи црна панделка како знак на почит кон настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Кога корисниците ќе кликнат на логото, се појавува порака посветена на оваа трагедија, потсетувајќи на болката и загубата што ја чувствува целата земја.
Овој гест на дигиталните гиганти е потсетник дека човечката солидарност не познава граници и дека, дури и во виртуелниот свет, болката за загубените животи остава длабок печат.
