Скопје Синема Сити, фестивалот кој веќе десет години ја слави уметноста на музичкиот документарен филм, го најавува специјалниот настан „Загревање“ – тридневна филмска програма што ќе се одржи од 6 до 8 февруари во клубот Кафе и филм – Котур.
„За да го одржиме ритамот до следното фестивалско издание, кое ќе донесе многу изненадувања, од четврток до сабота нудиме загревање со внимателно одбрани музички документарци, во уникатниот клупски амбиент на Котур“, најавуваат организаторите.
Секоја вечер со почеток во 20 часот, публиката ќе има можност да ужива во три извонредни документарни филмови:
6 февруари – „Антон Корбајн: Изнесено на Виделина“
Документарецот го следи животот и кариерата на холандскиот фотограф и режисер Антон Корбајн, кој преку своите иконични фотографии оставил неизбришлив печат врз имиња како Ник Кејв, Дејвид Боуви, U2, Metallica и Nirvana.
7 февруари – „Њу Ордер: Декади“
Филмот ја прикажува соработката на легендарниот бенд Њу Ордер со Манчестерскиот Интернационален Фестивал, паралелно истражувајќи ја историјата на групата и нејзините корени во култниот Joy Division.
8 февруари – „Моби Док“
Експериментален документарец за Моби, кој преку комбинација на интервјуа, реконструкции и архивски снимки ја прикажува неговата трансформација од бунтовен панк музичар во глобална суперѕвезда и активист.
Со овој настан, Скопје Синема Сити продолжува да ја негува љубовта кон музичкиот документарен филм, овозможувајќи на публиката ексклузивно доживување во интимен клупски амбиент.
