На крајот на ноември минатата година беше објавено од РТС дека „Hurricane“ ќе бидат српски претставник на Евровизија 2021. И покрај тоа што се очекуваше дека песната што „Hurricane“ ќе ја изведе на натпреварот ќе ја избере публиката, тоа не беше официјално потврдено и локалните медиуми почнаа да пишуваат дека песната е веќе избрана интерно.
Вчера на социјалните мрежи беше и официјално објавено дека нема да има фестивалски избор и дека песната на Сања, Ивана и Ксенија ќе биде дело на Немања Антониќ, кој беше композитор на „Хаста Ла Виста“ и македонскиот продуцент Дарко Димитров.
Ова нема да биде првпат „Hurricane“ и Дарко Димитров да соработуваат, тие претходно соработуваа за хит-песната „Фаворито“.
Дарко Димитров има богато евровизиско искуство како дел од авторите на евровизиските песни: „Proud“ на Тамара Тодевска, „Lost and Found“ на „Eye Cue“, „To the sky“ на Тијана, „Пред да се раздени“ на Есма и Лозано, „Нинанајна“ на Елена Ристеска, албанските песни во 2015 и 2020 година, српските песни од 2018 и 2019 година.
