Најавата за новиот албум на младата и екстремно талентирана пејачка Елена Андоновска, силно не заинтригира затоа што нејзината појава на македонската естрадна сцена од самиот почеток е синоним за квалитет. Убава, одмерена, секогаш елегантна и културна го привлече вниманието на новинарите и музичката јавност, која недвојбено и даде апсолутна поддршка.
Елена долги години е дел од националниот ансамбал за народни песни и игри “Танец” и докажан солиста на македонската изворна и традиционална песна, па тоа дополнително ја обврзува на квалитет кога се во прашање новите песни и албуми. Сепак, дека и таа самата чувствува доза на возбуда потврди со последната објава на својот Фејсбук профил каде напиша:
“Ова е почеток на едно ново музичко доживување. Со огромно задоволство го означувам стартот на мојот втор солистички албум. Голема доза на адреналин, позитивна енергија и љубов кон македонската музика”, напиша Андоновска постирајќи неколку фотографии од студиото каде се снима нејзиниот втор студиски албум, ставајќи хаштаг со кој нагласува дека е во друштво на аранжерите и продуцентите.

Ова беше доволен повод нашата екипа да ја контактира убавата пејачка Елена и да ја прашаме за каков албум поточно станува збор, какви песни снима и со која екипа овој пат соработува, а таа на сето ова ни одговори:
“Албумот веќе се снима во студиото “Подрумот” кај Анѓел Ќосев кој е и продуцент, а аранжманите ги изработија Дарко Илиевски и Александар Јовевски. Се работи за аранжмани на 10 македонски народни песни во етно стил и во духот на првиот албум, кој беше насловен “Кој ќе ме чуе да пеам”, но овој пат се чувствуваат одредени разлики во однос на аранжманите”, изјави Елена за интернет порталот “Свет Аустралија”.
Таа меѓудругото додаде дека сите инструменти се снимаат во живо, а покрај инструментите кои биле застапени на првиот студиски албум, овој пат се вклучени и канон, ут, зурла… Овој голем музички проект делумно е поддржан од Министерството за култура, и бидејќи станува збор за многу скап проект, истиот е финансиран и од сопствени средства, но како што вели Андоновска, сепак се работи со голема љубов кон македонската музика што претставува доволна причина во овие тешки времиња истиот да биде реализиран.

Ако се земе в предвид имињата на продуцентот Ќосев и аранжерите Илиевски и Јовевски, јасно е дека Елена преферира исклучиво одличен квалитет, затоа што досега овие автори не потпишале лоша песна. Како ќе звучи овој нејзин втор студиски албум со нетрпение чекаме да слушнеме, а до тогаш ви нудиме уживање во една од нејзините последни песни “Кој ќе ме чуе да пеам” за која што таа кон почетокот на оваа година сними и видео спот.
Автор на текстот: Билјана Крнческа/Свет Аустралија
