Засекогаш со нас во срцето, 25-ти јануари, 40 роденден на Тоше Проески. Никогаш не прежалениот Тоше Проески ќе го прославеше својот 40-ти роденден на 25 јануари.Тој нè напушти премногу рано на 26-годишна возраст, но остави зад себе исклучително богата ризница во која, кога ќе ѕирнеме денес, сфаќаме колку бил талентиран, но и колку ние не го цениме ниту вреднуваме. Фолк пејачката Елена Велевска се присети на Тоше и се она кое што тој ни го остави, за музичкиот портал Музика24 Велевска изјави:
“Македонската музика изгуби многу, младите изгубија идол, квалитетна музика, вокал кој можеби никогаш нема да го имаме ние ниту па Балканот… Една од речениците која му ја памтам е “Не сакам да ми симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене“, и тоа не го испочитувавме. Не помнам кога на Тв имам видено негов спот, концерт… Зар го заслужи тоа? На моите деца често им ја пуштам неговата музика, ја слушаме, се подсетувам на се она кое што ни остави, да не постоеше YouTube немаше каде да се слушне. Во Хрватска се организира миса во негова чест, а кај нас што? Големина како што беше тој не го заслужи ова, но тоа сме ние, жалосно е што не доволно го почитуваме своето, туѓото го величиме. Покрај тоа што направи многу за поп музиката, тој направи многу и за народната музика, албумот “Божилак„ е нешто најдобро кое се има случено на домашната музичка сцена. Едниствено кое ни останува е да не дозволиме да се заборави, да бидеме горди и да го негуваме она кое што го остави, тоа ни е должност не само кога е Тоше во прашање, туку и сите уметници кои не напуштија и ќе не напуштат”, изјави фолк пејачката Елена Велевска, присетувајќи се на македонската поп икона Тоше Проески.
