По повод роденденот на големиот и познат македонски композитор, музичар, пејач и педагог Јанко Узунов, на 15-ти февруари во ресторанот „Малешевски мерак“ во Скопје се одржа промоција на книгата „Јанко Узунов – ТОЈ! сиот беше музика!“ посветена токму на него. Автор на книгата е познатата македонска новинарка Валентина Ѓеогиевска-Парго, која заедно со сопругата на Јанко, Жаклина Узунова ги удостоија присутните гости, пријатели и новинари.
Меѓу присутните и одбрани гости го забележавме уметничкиот директор на фестивалот „Гоце фест“ – Пеце Здравковски, музичарот и пејач Блаж Маротов, синот на Јанко – Кирил Узунов заедно со семејството и малата ќеркичка Јанка која го има добиено името по својот дедо, светски познатиот хармоникаш Александар Коловски со семејството, поетот Јован Магзански, кој овојпат беше задолжен за техничка и компјутерска обработка на книгата. Додека пак за дизјанот на корицата се погрижи Ристо Прентоски, а делото го испечати печатницата „Ирис принт“.

И новинарите беа во мал број, но сепак одбрани и селектирани кои сепак вредат и знаат да го почитуваат делото и името на се она што досега го има оставено зад себе Маестро Узунов. Освен нашата екипа од Музика24, беа поканети и Свет Аустралиа, Телевизија Алфа, Телевизија Сонце, Нова Македонија, како и музичкото радио Зона М1.
Прес-конференцијата или незадолжителната средба по повод роденденот на Маесто Јанко Узунов ја отвори авторот на книгата, новинарката Валентина Ѓеоргиевска-Парго. Таа најпрво се заблагодари за присуството, а потоа се потсети на првите средби со музиката на Јанко Узунов чии песни, како што и самата вели, ги знае од дете. Поради тоа што нејзиниот татко новинарот Ѓорѓи Ѓоргиевски-ЃеЃе, бил уредник на Радио Ресен, а таа често го посетувала истото, тука за првпат се запознала со музиката и плочите на нашиот познат музичар.
„Јас како новинар Јанко Узунов го запознав 2010 година, кога како претставник на акцијата „Ден на дрвото“, поканував познати личности, над 100 да бидат дел од неа. Се сетив на него, бидејќи знаев дека освен што е познат пејач и музичар е дипломиран агроном, па си реков дека со неговата прекрасна сопругата Жаклина е соодветно да бидат дел од овие активности. Кога му се јавив, веднаш ја прифати понудата да дојде и да засади дрво и на моја голема радост тоа и се случи. Подоцна бев поканета во нивниот дом, и се изненадив од пријатната атмосфера, разговорите, свирењето на гитара и пеењето. Јанко се изнедади како јас ги знам сите негови песни од 1970-те и 1980-те години. Тогаш тој, трогнат, ми ја раскажа својата приказна и кога ја слушнав сфатив за колку значајна личност се работи, но и дека не знам многу нешта за македонската естрада и за состојбите на неа. Сфатив и дека се повлекол не по своја желба“, кажа авторката на книгата и новинарка Ѓеогиевска-Парго и додаде:
„По три години убава дружба, јас пеев на неговиот концерт, а на „Канео фест“ кога победив ме придужуваа две гитаристки од неговата музичка школа „Узун“. Сепак, никогаш нема да го забоаравам неговиот концерт што ми го посвети, насловен „Узун за Вале“. Чудесен подарок од незаборавниот маестро, што и денес ми ја грее душата. За жал набрзо потоа замина во вечноста, а остана неоткриен феноменот Јанко Узунов за пошироката јавност. Се надевам дека оваа книга ќе биде мал чекор во таа насока“, додаде Валетнина Ѓоргиевска-Парго на промоцијата.

Таа меѓудругото ни откри како за навистина брзо и кратко време се договориле да ја напише и подготви книгата посветена токму нему.
„Кога Жаклина ме извести дека концертот „Јанко во срце те носиме“, посветен на десетгодишнината од неговата смрт, ќе се одржи на 11 февруари во салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ во Скопје, јас решив најбрзо што можам да напишам книга. На 24 јануари неколку часа разговарав со Жаклина и со синот на Јанко, Кирил, кои споделија со мене дел од своите сеќавања и така книгата почна да ја добива својата физиономија. Подоцна најдов изјави од голем број негови соработници и ученици и на 1 февруари книгата беше предадена во печатница. Би сакала овие 100 страници да бидат иницијатива за подготвување голема моногорафија за Јанко Узунов, за неговите над 500 снимени песни во сите жанрови, за магијата на музиката што ја создаваше во своето студио, со иновативен пристап кон музиката, за наградите, признанијата, патувањата, за учениците на кои им го пренесе своето знаење“, вели Парго.
Тој освен што компонирал и создавал музика за себе, многумина и не знаат дека голем број на македонски песни, од народната и забавна музика се токму негово дело. А неговата сопруга Жаклина Узунова пак за него вели:
„Секогаш кога стоев до Јанко на сцената се чувствував гордо и привилиирано, дека ете имам можност да настапувам со голем човек и музичар како него. Ние се запознавме официјално во 1988 година кога станав член на неговата група „Узун“, а потоа по неколку години поминати како соработници, меѓу нас се роди љубов, голема, најголема, која трае се уште и ќе трае вечно. Тој ме однесе на голем број фестивали, тој ме однесе во Австралија и ме запозна со голем број на негови соработници, пријатели и сите оние кои го почитува неговото дело и сето она што го правеше тој, вели Жаклина, неговата сопруга.

Книгата „Јанко Узунов – ТОЈ! сиот беше музика!“ која е исполнета со многу вистинити и реални сведоштва и случки од животот со задоволство ви ја препорачуваме и се надеваме дека во идниот период како Министерството за култура и така и одредени општоодговорни компании во Македонија ќе помогнат ова задолжително четиво да се најде во секој дом, во секое семејство каде се негува и почитува македонската музика.
Подготви: Иван Јосимовски
