Како што пишувавме во текот на летото, овој месец (13-ти октомври) требаше да се оддржи големиот концерт во чест на Тоше Проески. Но, како што не известуваат организаторите на овој концерт Меѓународната фондација “Тодор Проески”, поради технички причини истиот ќе се одложи за 2-ри ноември. Овој голем музички настан е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и за негово организирање издвоени се 5.000.000 денари.
Од фондацијата за Музика24 изјавуваат:
“Поради новиот термин повторно ќе се преговара со балканските ѕвезди што ќе дојдат и ќе настапат со хитови на Тоше. Доколку терминот им одговара би требало на концертот да гостуваат: Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ… и многу други”, велат од фондацијата. Инаку, на концертот ќе биде промовиран и албумот “Secret Place” со нови, досега необјавени песни од Тоше Проески.
Наскоро организаторите ќе објават и детали за продажбата на влезниците за кои, како што велат, цената ќе биде прифатлива поради тоа што настанот има хуманитарен карактер. На 16-ти октомври ќе се навршат 11 години откако Тоше трагично загина во Хрватска, во местото Нова Градишка.
Подготви: Иван Јосимовски
