Австралиецот со македонско потекло Боби Андонов е коавтор на песна од новиот албум на популарниот холандски диџеј и продуцент Афроџек. На објавата гостуваат звучни имиња, како Стинг, Снуп Дог и Виз Kалифа, а Андонов е потпишан на темата “Born to run”, на која гостува Тајлер Глен.
Во 2008-та Боби ја претставуваше Македонија на Детскиот евросонг со рефренот “Прати ми СМС”. Претходно настапи и на фестивалот “Златно славејче”. Во родната земја, пак, се прослави во музичкото шоу “Австралија има талент”, кое му донесе и неколку интересни соработки со американски автори и продуценти. Боби има претставено неколку авторски песни, а на неговиот канал на You Tube постојано вметнува нови обработки на актуелни светски хитови. Музиката е негова преокупација, но повремено работи и како манекен и модел. Во повеќе интервјуа има нагласено дека негов идол е Тоше Проески.
Подготви: Редакција Музика24
