Од 2014-та година и во наредните пет години продуцирањето популарна македонска музика – забавна, народна и музика за деца, ќе се стимулира со пари од државата, преку конкурси што ќе ги спроведува Македонската радио-телевизија. Нацрт-закон за поттикнување на овој вид творештво го подготви Министерството за култура и денеска го презентираше на јавна дебата на која македонските автори и изведувачи ја поздравија иницијативата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека првпат со посебен закон ќе се регулира стимулирањето на популарната музика, како што има закони за други музички жанрови. Причина за негово донесување, истакна таа, е евидентниот пад на продукцијата на ваков вид музика во последната деценија. Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат да биде поголем обем и квалитет.
“Целта е да донесеме квалитетен закон кој ќе има голем бенефит за сите нас, за музичката продукција, за граѓаните на Република Македонија и, пред се, за нашата држава, рече Канческа-Милевска.
МРТ ќе објавува четири конкурси годишно (април, јуни, септември, декември) за субвенционирање 200 композиции во текот на една година – 50 песни за деца и 150 песни од забавната и од народната музика. Предложениот закон, кој го презентираше Канческа-Милевска, ги распоредува композициите за поддршка во осум категории. По десет композиции годишно ќе бидат финансирани од категориите Таленти, Поттикнување семејни вредности и многудетни семејства и Афирмирање на Република Македонија и нејзината историја, 15 песни од категоријата Афирмиран изведувач, 38 од категоријата Ѕвезди, 30 – Истакнат изведувач, 37 – Врвен изведувач и 50 композиции за деца.
Право да конкурираат ќе имаат поединци и изведувачи со оригинална и неизведувана композиција. За секоја категорија има прецизирани услови, како број на албуми и солистички концерти во Македонија и во странство, број на домашни и меѓународни награди, учество на фестивали, меѓу кои се вреднува и во финалето на Евросонг. Највисок износ е за категоријата Ѕвезда – 4.500 евра, од кои 3.000 за звучно снимање на песната и 1.500 за спот. Поддршката за детска песна е 400 евра, а за останатите категории е до 3.000 евра. Исполнувањето на конкурсните услови ќе се вреднува со бодови, а за изборот ќе одлучува стручна комисија која, пак, од поширока листа ќе се избира по лотариски принцип.
Генералниот директор на МРТ Марјан Цветкоски истакна дека донесувањето на законот е историски момент за овие дејности и дека МРТ како јавен сервис има законска и морална должност нив да ги популаризира. За таа цел МРТ ќе внесе и новитети, покрај специјализираните фестивали Скопскиот фестивал – за забавна музика и „Цветници“ – за народна, ќе има и програмски освежувања, шоуа со топ-листи на ТВ и на радио, возобновување на избирање хит и фолк-хит, емисии за наоѓање таленти. Очекува примерот на МРТ да го следат и другите радиодифузери.
Подготви: Редакција Музика24
