Музика на кирилица

Прочитајте: Музика24 ги прашува познатите што прво би направиле после корона лудилото (Фото)

Сакале ние или не, коронавирусот и сето она лудило кое што се создава околу него е веќе наше секојдневие. Речиси се застана и како одеднаш некој да притисна стоп и се е на стенбај. Македонската музичка естрада, сите музичари се едни од најпогодените од сета оваа состојба. Но, според последните официјални податоци се претпоставува дека кон почетокот, односно, средината на месец мај пополека ќе се нормализираат повеќето работи во нашата држава.

Музичкот портал Музика24 направи анкета помегу јавните и познати личности во Македонија, музички имиња, естрадни новинари… на прашањата што е она што прво би го направиле после прекунувањето на вонредната состојба, карантинот и сето ова корона лудило и дали после се она што го преживуваме изминатиот период сфативме и научивме нешто од целата оваа ситуација.

Џина Папас Џокси – композитор и пејач: Јас немам некои посебни побарувања, сум бил во изолација и на подолго од ова што сега ни се наметнува, но би протегнал нозе по Дебар Маало, чисто онака колку да се преброиме. Секој ова го доживува на свој начин. Не сите не мачат исти проблеми. На некои ќе остави трага, а на оние појаките ќе им дојде како мала шала со наполнети батерии за нови предизвици.

Џамбо Агушев – музичар: Има многу работи кои би ги направил. Но сепак, прво би излегол на кафе со пријателите, би ги повикал и колегите од мојот оркестар кои се од одруги градови во Македонија да се дружиме, би можеле и да засвириме за своја душа и да се развеселиме. Јас лично мислам дека после овој тежок период, дај боже што побргу да помине, треба сите да земеме поука дека ништо не е најважно од слободата, дека треба да ја чуваме и цениме повеќе природата.

Билјана Крнческа – естрадна новинарка во интернет порталот “Свет-Аустралиа”: Прво би сакала во периодот што ни предстои да има што помалку заразени луѓе, а потоа и сите оние кои се заразени да успеат да се излечат без последици по своето здравје. Сакам да верувам дека е тоа возможно и сметам дека оваа ситуација која ни се случи не научи да ги прераспоредиме приоритетите во животот. До душа јас од секогаш предност им давав на животните радости па така ќе биде и сега… Јасно ми е дека мерките за безбедност одеднаш нема да бидат сите укинати и дека уште долго време ќе бидеме предупредувани на можната опасност па затоа сметам дека не треба да се однесуваме како пуштени од синџир туку многу разумно и со доза на претпазливост да уживаме во прошетките со драги луѓе со кои конечно ќе може да пиеме кафе и да се гледаме очи во очи без страв…
Јас лично посакувам после сета оваа ситуација да заминам неколку дена некаде каде има медитеранска клима и каде со одбрана екипа би уживала во природните убавини неоптеретена од лоши вести и сензационалистички прогнози. Она што го научив во овој период е дека треба да сме захвални за секоја прегратка и бакнеж што ни се случува. Дека не е тоа нешто што се подразбира туку дека е благословена љубов која треба да ја цениме. Јас во принцип сум човекољубец и социјален тип, сакам дружење со луѓе да разменувам енергија и да комуницирам така да овој период ми потврди дека сум ги вреднувала вистинските нешта. Воедно сватив и дека повеќе треба да шетам да уживам во природата која е секаде околу нас и да не се оптеретувам со тривијални нешта кои немаат вистинска вредност. Вредноста е во семејството и искрените пријатели кои се тука за да не поддржат, а не во формата на која и робуваме…

Елена Велевска – фолк пејачка: Прво би се подготвила за излегување и да си го дозволам првото кафе и ручек во ресторан или хотел. Веднаш би се ставила на режим за исхрана и би се запишала во теретана. Така требало да биде, последниве три години ги научив најскапите лекции. И токму кога мислев дека потешко од тоа и не може да биде, излезе светот да е во застој, да не работи никој. Значи секогаш имало од тешко и потешко. Затоа човек треба да е подготвен на се. Ова ни дојде како да ни ја разбуди свеста да бидеме подобра верзија од себеси. Човечката лакомост и завист излезе надвор од границите. После ова се радувам на ситница, на секој здив, на секој момент. Колку е само убав животот. Можеби сега повеќе ќе ги цениме македонските производи, македонските уметници. После ова помудро ќе гледам на работите.

Филип Василевски – фолк пејач: Веројатно најпрво што ќе направам после ова лудило е тоа што ќе го првиот ден ќе го искористам за максимално шетање, пријатели, роднини, а и се разбира едвај чекам да се вратам на мојата најголема љубов музиката, и со полна пареа во уште поголеми успеси. Можеби и требаше да се случи ова за да сфатиме колку баш НИЕ, односно, човекот е уништувач на природата.

Лени Партикова – пејачка: Многу работи на музички план ме чекаат за исполнување. Нови снимања на фестивалски песни, албумите со народни и забавни песни, песни кои ќе бидат изработени во “Cactus” студио, кај мојот драг почитуван продуцент и колега Горан Милошески.
Ми останаа неостварени гостувањата за промоција на преубавиот дует кој го испеавме со мојот колега Раде Младеновски – “Ајде Македонијо”, кој беше награден со Второ место од жири-комисијата на “Гоце фест”. Во план ми е да ги реализирам тие гостувања после овој многу долг карантин кој на сите нас ни одзема драгоцено време од работата, за жал. Работата во Македонската опера и балет ми недостигаат бескрајно, со многу надеж и желба чекам да помине ова коронавирус зло и да продолжам со секојдневието кое ми е исполнето со песна и музика. Овој карантин како да го запре времето, не натера да застанеме и да одмориме од хаосната динамика на живеење, секогаш во трка со часовникот да се постигне се. Многу повеќе време за љубов и за семејството, за мојата ќерка Христина на која секојдневно и го посветувам целото мое внимание, учиме заедно, пееме и свириме заедно. Таа љубов ми ги отргнува мислите од лошите случувања и со позитивна енергија со надеж го очекуваме што поскоро завршувањето на сето ова. Секое лошо за добро е, што и да е ќе помине, така вика нашиот Владо Јаневски. Среќни велигденски празници.

Славиша Кибровски – продуцент, композитор и музичар: Ќе излезам од дома и ќе ги посетам сите роднини, пријатели, другари… Научивме дека слободата е најдагоценото нешто во животот, научивме дека треба да забавиме во трката со материјалното, научивме дека треба да се посветиме на семејството и многу, многу други работи.

Томче Јосимовски – водител на емисијата “Мое село”, ТВ Сител: Ќе престанам да идам по села само градски средини, ќе почнам да џогирам покрај кеј, точаче да возам, здрав живот само брокула и компир да јадам… Што ќе направиш? Исто што и до сега, може да излезам евентуално кафе да испијам со некој од пријателите што се немам видено поодамна, со колегите да се видам едно кафе да пијам… Незнам, незнам… Луѓето ова го разбираат како многу страшно, како отцепувачки од социјалниот аспект на секое човечко суштество. Како нешто Уау… на Водно може да отидам, со кола и од таму со жичара до врв. Тоа е тоа, не би правел друго ништо. Научивме неколку работи, прво е дека една мала ситна работа може пепел да не направи сите, значи неспремни сме во тој дел. Многу неспремни го дочекавме сето ова , не само што никој не се надеваше дека вакво нешто ќе се случи пред се, а самото тоа покажува дека колку и да зборат во моментот здравствените власти дека се е во ред, едноставно не е, бидејќи и ова ги изненади здравствените власти како секоја година што градските власти ги изненадува снегот во зима. Научивме дека има луѓе што и баш не почитуваат закон, не почитуваат полициски час, не почитуваат ред. Научивме дека може во ситуација на полициски час да се функционира,научивме дека сето она што до вчера се збореше дека тешко е да се дигитализира општеството, да се направи за сето тоа треба многу. Оп во рок од три дена бидна многу реално почнаа да се одржуваат часови по дома преку интернет, семинари и обуки преку интернет, луѓе се дружат, пресови се даваат преку интернет… се се одвива сега он-лајн. Значи можело да биде дигитално, ама некој несакал и немал волја… незнам. Научивме да го цениме она што го немаме, слободата на движење научивме да ја цениме, бидејќи до вчера беше ај што ќе правам, ај ќе идам некаде да шетам… и беше као да тоа ми припаѓа мене мое си е. Сега во 85 часа полициски час нема. Дворот ти е најдобар пријател, терасата најдобро другарче и тука ти е и Широк сокак и ценар на Скопје и мала станица… се. Најмногу што научивме е тоа што многу научија да месат. Реално употребна вредност доби брашното, сите тие рецепти што сакале да ги направат, сите тие што никој пат не готвеле доаѓаат до израз во кулинарските вештини. Научивме дека со многу малце можеме многу да направиме. Дека ни е најбитно семејството и дека во кругот на семејството се чувствуваме најбезбедни и најсигурни. Научивме и дека следниот пат нема да биде вака. Нема да не начекате неспремни. Едноставно сите после ова поинаку ќе се гледаат едни со други, пријатели повеќе ќе се почитуваат, сопружници повеќе ќе се сакаат… ќе научиме да ја цениме слободата, движењето, пријателите, луѓето, сето она што сме го сфаќале здраво за готово. Многу луѓе после ова ќе речат чекај виде ли што се случува, го виде Џокси не се заљуби на Велигден, ништо нема…Штом може волку да не затвори една пандемија и нејасно е како понатаму ќе продолжиме да се бориме со сето ова, мислам дека многу луѓе после пандемијава освен што ќе го сменат начинот на размислување ќе земат и ќе поцнат да се подготвуваат. Не верувам дека ова нема да се повтори, ова е нешто што е многу реално и ова е таа биолошка војна што ја викаат. Ова најмногу ќе биде удар за властите да можат да разберат оние што ги водат државите да им се даде до знаење ако може една мала работа како што е вирусот што не го гледаме да не покори и да не бутне на колена, што останува за нешто поголемо.

Хелена Роза – водителка: Да одам на убава вечера во некој ресторан, и секако да се гушкам… јас сакам да се гушкам со луѓе. Кога ова ќе заврши ќе одам кај сите пријатели што ми недостасуваа периодов и ќе ги изгушкам силно. Не верувам, за жал, дека колективно како општество ќе извадиме поука од сето ова. Секако има индивидуи кои го искористија периодов да се преиспитат себе си и своите приоритети, но бројот е премногу мал за да има импакт на колективното несвесно.

Жаре Бербер – водител и пејач: Јас одма ќе напраам второ, првото го имам направено пред многу години… Шала на страна, ќе одам на кебапчиња у чаршија и таму ќе планирам што ќе праам понатака. ПС: Многу е битно која година ќе биде тој крај на ова корона шоу! Напротив… ништо не поминавме баш дремеме, дома ми е страв да не ме стават у дубак да учам да одам ако потрае… Никој не научил, ништо не сме научиле, никогаш нема ни да научиме нешто. Супер сме такви какви што сме. Треба да разбереме дека тоа што не сме го разбрале ни е најголем проблем. Многу здравје и среќни празници… Show must go on!

Марија Таушанска Анастасовска – новинарка во “Нова Македонија”: Можеби ќе отпатувам некаде на ден, два, не мора далеку, тука во нашата убава Македонија, иако мислам дека тој што не знае во мислите да патува, може и на крај на светот да отиде и ништо нема да не научи од тоа. За мене ова и не е толку страшно, не се чувствувам клаустрофобично. Деновите брзо ми минуваа, работев од дома и патем сите други обврски, домашни ги завршував. Го користев телефонот и интернетот за контакти, а признавам и дворчето, пролетно раззеленето ми помогна, како и прошетките со кучето да не му подлегнам на короналудилото. Секако ми недостасуваат драгите луѓе, кафе со пријателите, настаните, концертите, но сето тоа модифицирано го имавме и на Интернет. Планетата памети многу пострашни периоди, па повторно е на нозе. Здравје и на овој чуден период ќе му дојде наскоро крајот. Секако, сфативме пред се дека кога си со семејството, се е полесно и секоја пречка и проблем се помали. Сфативме дека секогаш треба да најдеме време за себе, да ја рабудиме својата креативност, афинитети кон разни нешта или едноставно да потонеме во бескрајнито свет на нашата фантазија, а зошто не и на спомените. Сфативме дека сите на планетата сме , барем во овој период, исти, со иста желба за добро здравје и за пребродување на актулената пандемија, како поединци, како држава и глобално, за да може нештата повторно да тргнат напред. Научивме дека мораме во иднина да ја почитуваме планетат повеќе и да ги слушаме нејзините предупредувања. А пред се сфативме дека никој не е сам на светот!

Нина Јанева Николовски – пејачка: Прво ќе одам да испијам 3-4 кратки еспреса! А можеби и 6-7 (се смее). Најбитното нешто е семејството. Било и секогаш ќе биде.

Кирил Митоски – фолк пејач: После оваа ситуација, веројатно прво што ќе направам е да се видам со родителите и сите оние пријатели со кои деновиве комуницирам само по телефон. Би завршил некоја обврска и секако добро би ми дошла една долга прошетка или патување со семејството на омилените места. Се надевам дека после сето ова што се случувааше ќе извлечеме некоја поука. Да не правиме премногу планови за иднината, да го поминуваме времето со луѓето кои не прават среќни.

Ѓоко Танески – пејач: Прво сигурно ќе биде седнување во кафана со пријатели и фамилија. Ми недостасува дружење и песна. По завршувањето на ова “лудило” би требало да продолжат и настапите, бидејќи ние музичарите зависиме од тоа не само емотивно, туку и финансиски. Секако дека ќе има и промоција на нова песна како продолќување на соработката со Никола Мицевски. Секако дека ситуацијава ќе остави траги во менталниот склоб на луѓето. Се надевам дека ќе извлечеме поука која ќе биде во насока на пропорционално живеење и взаемно почитување на вредностите кои ни ги овозможува животот. Не сакам да размислам што ќе се случува на економски план, само се надевам дека ќе извлечеме добра поука.

Моџо Килингтон – писател, сценарист и општо разочарување на фамилијата: Ме замисли со прашањето… Времето во изолација ти дава и шанса да размислиш за “претходниот” или “нормалниот” живот и да сфатиш дека многу малку работи од тоа ти недостасуваат. Бркање рокови, жонглирање со работи и состаноци, кафиња, излегувања, луѓе… Сфаќаш дека многу од тие работи не ти значеле и не биле важни како што си им продавал значење. Во време на изолација си појавуваат и други луѓе во нормални услови не би ги запознал. Веројатно ќе е кафе и пиво со “новите” и после сѐ надевам продолжување на изолацијата некаде во природа каде што пак ќе нема време и нема да чекам петок или викенд или нареден дедлајн… Тешко е да се каже дали како човештво ќе научиме нешто, сѐ тоа е лично. Со оглед дека ни доаѓаат и тешки економски времиња можеме или да станеме подобри и посолидарни или поопасни волци еден кон друг. Лично, соочен со сета таа смрт сфатив повеќе да ценам тоа што има, а тоа е само животот и блиските во него. Додека пред тоа не посветував многу време и сѐ покрај мене течеше неизвесноста дали наредна недела ќе си жив или не ми донесе разбирање дека сум го трошел животот за џабе и ме поттикна да творам повеќе (за жал на македонската литература).

Ивана Нолчева – пр во “Авалон продукција”: Со нетрпение го очекувам денот кога ќе си ја видам фамилијата на купче и моите најдобри другарки. Иако секојдневно сме во онлајн комуникација, сепак чувството кога ќе си ги изгушкаш најблиските е непроценливо. Тоа ќе биде првото нешто што ќе го направам кога ќе заврши ова карантинско лудило. Животите на сите дефинитивно ни се сменија и после ова ништо нема да биде исто. Јас верувам во добрината и верувам дека оваа криза ќе не направи подобри луѓе. Дека животот е еден и дека треба да ги живееме моментите. Дека повеќе ќе се сакаме и ќе се почитуваме меѓусебно. Дека ќе подаваме рака на тие што им е потребна. Дека нема да се мразиме толку. Мислам дека ова е едно големо освестување за сите нас, да научиме да ги цениме едноставните работи.

Огнен Здравковски – пејач: Едвај чекам да помине карантинот. Прво што ќе биде кога ќе заврши ова, ќе го поминам времето со најблиските пријатели, бидејќи сега нема можност да бидам со нив и ќе влезам во студио ја доработувам мојата најнова песна, па после ќе снимам и спот за истата. Нормално, пред се научивме дека незнаеме кон што не води животот. Затоа треба да го живееме секој момент од животот како што сакаме и како што мислиме. Треба да уживаме во секој миг во него.

Ѓоко Ѓорчев – пејач: Поздрав до сите кои го следат вашиот музички портал. Првото нешто што ќе го направам после ова лудило, да се видам со моите пријатели и фанови, да се поздравиме кафе да се напиеме и многу работи да си кажеме. Сето ова што се случува е нешто што за прв пат во мојот живот го доживувам, со желба ова никогаш веќе да не се повтори. Да ова е една голема лекција во сите наши животи, сега сфативме дека се во животот е безвредно ако не си здрав, болеста го разорува умот, душата и телото, затоа мои пријатели, да се почитуваме, да се сакаме, животот е премногу краток за да го трошиме на глупости. Желба ми е да отпејам уште неколку прекрасни песни, да одржам концерти и да се радуваме на животот, да се радуваме на убавите нешта, на малите работи, бидејќи тие се нештата кои го прават животот.

Дуле Миќиќ – естраден новинар во дневниот весник “Вечер“: Најпрво би застанал со мислите сериозно загледан горе во некоја далечина, загледан низ синото небо како морска пучина посакувајќи ваквата болештина дали е природна или е вештачка, никогаш никому да не се врати да се изгуби таму некаде најдалеку од оваа Планета, бидејќи после короната доаѓа за жал поопасна корона во поглед на финансискиот колапс затоа што власта е немоќна да помогне во тој поглед ќе помага со некоја цркавица што не е во ред со оглед на тоа ако го вратиме филмот наназад да ни кажат кај се парите кои се опљачкани за изминатите 11 години и да ни ги вратат тоа се наши народни пари од даночните обврзсници, зашто да беа вратени сега немаше да земаме ако, земеме цркавица од 14.500 туку сигурно ќе ги земевме ветените 500 евра, вака….само ќе се ждереме потонати во народната беда….дај Боже да грешам и секој од нас да има пари, па тоа најпрвото што ќе го направат сите па и јас, ако не останеме гладни, од погоре кажаните причини, да си го прослават животот, бидејќи имале среќа што останале физички живи, за психичкиот дел се уште ќе гледаме тажни сцени… Ништо не научивме, тоа е тоа најстрашното. Пак ке се повторува алчноста по многу, многу пари(таа и сега е присутна во оваа вонредна состојба, банките за пример со каматите, нели можат од тоа да се откажат и онака се полни ко брод), алчноста по бесни автомобилик, брендирана скапа гардероба, баснословно скапи летувања, пак лопужи ќе ни се прчат како пауни правејќи не будали:еве ништо не ни можете, пак ке ринтаме не знам за што, пак ке се мразиме по партиска линија, пак богатиот(со “тешко“ заработените пари) нема да му верува на гладниот, пак ќе се факаат врски за било што бидејќи ова е главном врскаџиска земја а, не е земја на луѓето кои се почитуваат и плаќаат според сработениот труд….итн….жално ми е што ќе биде така, со чест на исклучоци. Има и добри разумни луѓе, ама тие се ретки и на таквите треба да им даваме шанса да испливаат на површина после короната! Но не можам да бидам оптимиста бидејќи не гледам дека маса луѓе оние во најголемиот број ќе си ги сменат лошите навики и во самото однесување па така, ќе биде според онаа:кој ќе го преживее кретенизмот, ќе раскажува.

Сашо Ливрински – композитор, музичар: Ќе се возам со автомобилот на обиколница, за да ја почувствувам убавината на слободата… Јас сфатив со што всушност сакам и треба да се занимавам во иднина на мојата професија, исклучиво со компонирање…

Сашко Сале Андриески – продуцент, музичар и менаџер: Прво што ќе направам после коронава е гезме, пијачка, и журка со сите пријатели и пријателки со кој не сум се видел за време на рестриктивните мерки. Од сето ова искуство научивме не една, туку многу работи. Најбитно е пред се здравјето, и секако, не се вреди материјалните добра. Во вакви ситуации сите сме еднакви без разлика кој е кој.

Васил Гарванлиев – музичар, пејач, евровизиски претставник на Р. Македонија: Ќе се носам на кафе. Ладно еспресо со малце, малце млеко на страна. Ако во Струмица – на мојата маса во “Concept”, ако во Скопје – “Zing” или “Intermezzo”, а ако е викенд – ќе играм во клуб до сабајле. Посвети се на себе и живеј во сегашноста максимално. За нас уметниците самоизолација е лесна зошто кога имаме креативен бран на инспирација – самоизолација is the way to go! Но ова е поголемо од сите нас и сите прв пат сме во иста ситуација. Се надевам дека сите ќе се цениме, сакаме и поддржуваме повеќе после ова коронско лудило. Тоа време што го поминавме и посветивме на самите себе си, да не служи и води кога ќе ни дојде следниот тежок период кога и каде и да сме.

Иле Спасев – композитор, продуцент и музичар: Ќе се видам со сите пријатели кои ми се драги и кои ми недостигаат во овој карантин. Најверојатно на некое кафе, ручек. Јас лично имав многу време за размислување и увиди во животот. Тоа што сме изолирани ни даде време и простор да погледнеме во брзоплетите животи што ги водиме. Мислам дека во секое лошо има и добро, а доброто во оваа ситуација може да се сфати како повеќе време за работа на себе, живеење во сегашноста и ценење на она што го имаме до себе. Кога времето ќе застане, како што на некој начин застана сега, сфаќаме дека приоритетот на кариерата, статусот, парите – нешта за кои сите ние работиме – е приоритет од многу кревка категорија. Она што останува кога тој приоритет ќе биде на стенд-бај сме ние како луѓе, и нормално, луѓето околу нас кои ги сакаме а за кои често немаме време стремејки се со сите сили кон првото.

Мијата – пејачка: Прво нешто што ќе направам е ќе влезам во студио и ќе снимам пет-шест песни одеднаш кои веќе се спремни и само си тлеат, а неможам поради короната да не се мешаме и влегуваме во студио, нели. За овој изминат временски период додека сме во карантин, сфатив дека сум сакала многу да работам градинарство, и да копам по дворови и дека сум била многу поголема домаќинка од тоа што мислев. И сфатив дека на син ми не му се оди на училиште и дека е многу посреќен со сета оваа корона ситуација.

Симеон Коруноски – пејач: Прво, како еден од многуте матуранти ќе чекам да видам како ќе се одвива непредвидливата ситуација во однос на факултетите и приемните испити. Сепак сметам дека не е толку важно што ќе правиме после короната, колку она што го правиме за време на истата. Би се чувствувал посрамотено доколку после оваа ситуација би бил истиот како и претходно. Сметам дека е право време за еден човек да се запознае себеси и да одлучи по која патека ќе чекори во животот. Константно да се надоградува и да стекне корисни навики што ќе му останат и после карантинот. Да работи на себе на секое поле и да пристигне што повеќе до својата најдобра верзија. Не ми е јасно кога некој ќе каже дека нема што да прави во оваа ситуација и покрај тоа што се наоѓаме во 21 век и го имаме на располагање интернетот. Тоа ми е жалосно. Има начин да се вежба, има начин да се биде креативен, има начин да се постигне се доколку се потрудите и решите да ги побарате одговорите. Научив дека луѓето се заразуваат со корона, а земјата е заразена со луѓето. Ние сме навидум една инфекција која пополека но сигурно ја уништува. Ако ништо друго, се надевам дека ќе се зголеми свеста кај луѓето и ќе почнеме да се грижиме за оваа наша планета, затоа што со нејзиното уништување се уништуваме самите себе.

Подготви: Редакција на музичкиот портал Музика24

Можеби ќе ве интересира: