По неколкумесечното онлајн дружење и натпреварување го добивме Grand Prix добитникот на годинaшниот Калиопи Фан Арт – креативен онлајн натпревар. По пребројувањето на гласовите од наградените, креативниот тим и стручното жири на Kaliopi Fan Art, во тесна “трка”, но со најмногу гласови, Grand Prix наградата ја доби Викторија Милошевиќ од Смедерево, Србија. Наградата носи “Викенд во Македонија и дружење со Калиопи”.
Целиот натпревар Kaliopi Fan Art траеше три месеци. Во текот на март и април пристигнатите креации и натпреварувачи беа презентирани на социјалните мрежи на Калиопи при што беа избрани завршните финалисти кои се натпреваруваа за многубројните (во слично возбудлив контекст ) награди во неколку категории.
Покрај Grand Prix доделени беа и награди за прво, второ и трето место во категориите вокален кавер, инструментален кавер, танц, цртање и најоригинално видео, а беа доделени и награди од стручното жири за оние најмладите како и за оние кои дадоа посебен придонес и на свој начин го обележаа Kaliopi Fan Art. Наградите, на покажано задоволство на сите, се со широк спектар – онлајн часови по пеење со Калиопи и вокални и инструментални гостувања на нејзини концерти, учество во нејзин видео спот, изработка на идејно решение за кавер на сингл, изложба во рамки на нејзин голем концерт, отварање изложба на слики, гостување на музичка работилница, посета на Калиопи во нивните градови како и ВИП карти за нејзини концерти и запознавање со неа.
Во текот на изминатите три месеци, додека светот беше во изолација и доживуваше нешто за прв пат во својата историјата, Kaliopi Fan Art поврза во светла дружба голем број натпреварувачи од целиот свет и следбеници на уметноста на Калиопи на социјалните мрежи и стана место каде што сите тие делеа радост, позитивна енергија и надеж за подобро утре. Стана место каде што се зближија различни генерации од различни земји, но со исти инетереси, сплотени низ песна, инструменти, танц, цртежи и видеа изразувајќи ги своите таленти и давајќи си меѓусебна подршка. Во моментите кога сите беа принудени да седат дома, цели фамилии се здружија во поддршката на своите представници во натпреварот во кој сите се добри во својата приказна.
Калиопи со овој многуслоен чин на взаемна почит и љубов кон музиката и уметноста воопшто, и сега верува дека успеа да ја пренесе пораката и големата животна мотивација дека најважна е вербата во себе и во своите соништа.
“Kaliopi Fan Art го направив за да го одржам контактот со мојата публика и да им дадам зрак светлина во ова време на општа криза. Воедно моите фанови преку овој проект да ги изразат своите креативни вештини и таленти. И иако сме на далечина, музиката повторно да не спои и обедини во едно. Честитки од срце до сите учесници, наградени, како и на мојот тим кој неуморно работеше на овој проект”, вели македонската поп-дива Калиопи.

