Организаторот на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2020“, Општина Штип, објави конкурс за избор на уметнички директор.
Како што велат од Општина Штип се работи за редовна постапка и секоја година се објавува конкурс за избор на уметнички директор.
Покрај општите услови утврдени со закон, кандидатот треба да исполнува и посебни услови – да има соодветно високо образование – факултет/академија за музичка уметност- (ВИИ/1, да има над пет години работно искуство во дејноста за која конкурира и да има менаџерски способности.
Конкурсот трае десет дена од денот на објавувањето. Информации за условите и за потребните документи за конкурсот се објавени на веб-страницата на Мултимедијален центар „Киро Глигоров“-Штип и во дневниот печат.
Пријавите со Програмата и другата документација треба да се достават до Општина Штип, преку пошта на адреса: ул. „Васил Главинов” бр. 4 В – 2000 Штип или директно во Архивата на Општина Штип (со назнака: „За Макфест“) најдоцна до 15.30 часот од последниот ден од конкурсот.
Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ и годинава ќе се одржи на почетокот на октомври. Обезбедени се средства од Општина Штип а се чека и на средства од Министерство за култура.
