Музика на кирилица

Омаж кон големиот јубилеј – 30 години “Фолк фест Валандово” (Фото)

Фестивалот на новосоздадени македонски песни Фолк-Фест Валандово е историска појава на музичката сцена во земјата. Валандовскиот фестивал, како прв и најреномиран и подари на Македонија и подари 1023 нови македонски песни, творештво од непроценливо богатство, песни со кои се афирмираат авторите на музика, текст и аранжман, но и ннтерпретаторите. Се создадоа нови творци кои ја реафирмираа новосоздадената песна и покажаа дека се доследни наследници на песнопојната и музичката традиција создавана низ вековите од народниот гениј на овиие простори. Што е најважно, преку псната го зајакна и го афирмира националниот идентитет на Македонецот во земјата и духовно ги обедини сите Македонци во светот.

Тој започна далечната 1985 година и денес слави исклучителен јубилеј – 30 години опстој во континуитет со што прерасна во најзначаен музички бренд во земјата. Тој трае ли трае, со ентузијазмот, огромната љубов, елан истрајност и способност на менаџирање, исполнета со голема храброст на сите кои беа на негово чело сиве овие години. Валандовчани си го сакаат фестивалот и затоа издржаа до овој значаен јубулеј. Но треба да се знае дека фестивалот е најмалку валандовски, тој е семакедонски.

Валандово денес е фестивал – институција од национално значење кој во континуитет од триесет години, на брилјантен и исклучителен начин ја оствари својата историска улога и мисија. Останува сегашните генерации започнатото дело да продолжат да го негуваат и чуваат, збогатуваат и обнародуват. Како потврда на сето мое искажано, заради неговото значење имам обврска да го ипрезентирам најзначајните цитати – сижеа за Валандововскиот фолклорен фестивал од најпознатите музички, интерпретаторски и други авторитети од Република Македонија.

Folk fest Valandovo“Валандовскиот фолклорен фестивал – и метафорично и суштински е Велигден за македонската песна, која воскресната започна нов живот” – Георги Барбаровски, поет, новинар, публицист.

“Песни со јасни идентитетски нишки” – Нано Ружин, амбасадор на Р.Македонија во НАТО, Брисел, 21.5.2004 година

“Врз темелите на традицијата” – Миле Брзанов, музички уредник на редакцијата на Народна музика на РТС и еден од организаторите на фестивалот

“Фолклор во ново руво” – проф.д-р Тома Прошев

“Квалитетното творештво се обнародува” – д-р Томе Саздов, професор на македонска народна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје

“Историски чин на нашата култура” – Костадин Костадиновски, идеен творец, еден од основоположниците и уметнички директор на фестивалот

“Меѓник на современата македонска култура” – Марко Коловски, музиколог, музички уреднк

“Манифестација на национално единство” – Томислав Османли, новинар, драматург, публицист

“Продукција со осведочен квалитет” – Кирил Тодевски, музички уреник во македонско радио и уметнички директор

“Уметничка надгардба на песната” – Орце Гелевски, музички уредник во МРТ и уметнички директор

“Духовна храна за Македонците” – Хилми Билбил, композитор

“Силен бедем пред туѓите влијанија” – Григор Копров, композитор

“Пејачите станаа ѕвезди” – Петар Нечовски, интерпретатор

“Македонски Санремо” – Перо Христов, интерпретатор

“Место за домување на душата” – Ѓорѓи Калајџиев, поет и уредник во Канал Вис-Струмица

“Мост со татковината” – Фиданка Танаскова, новинар, публицист и сл.

Еве такви се размислувањата за Фолк-Фест-Валандово. Пред портите на големиот јубилеј, но целосно реновираната и опремена фестивалска сцена во Валандово, во извонредни услови достојни за големиот јубилеј, Валандово и Македонија го очекува почетокот на 30 издание на фестивалот 2014 година на 16,17 и 18 октомври годинава.

И на крајот. Да го чуваме, збогатуваме и му дадеме уште поголема подршка за нови квалитетни музички изданија на нашата најзначајна манифестација. До некој друг јубилеј. НЕКА Е ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈОТ ВАЛАНДОВЧАНИ…! НЕКА Е ЧЕСТИТ,БЕРИЌЕТЕН И ВЕКОВИТ ФОЛК-ФЕСТ ВАЛАНДОВО, МАКЕДОНИЈО…!

Подготви: Мирче Карамучев, поранешен долгогодишен организатор, директор и раководител на прес службата на Фолк Фест Валандово

Можеби ќе ве интересира: