Музика на кирилица

Пендаровски до „Леб и сол“: „Потребен ни е нов албум од вас“ (Видео)

Претседателот Стево Пендаровски, вчера на свечена церемонија со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.

На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“, рече претседателот Пендаровски.

На крајот на обраќањето, Пендаровски се обрати до легендарните музичари со барање за нов студиски материјал.

дозволете ми да ја искористам оваа прилика и јавно да се обратам до четирите легенди кои се вечерва со нас. Вашиот професионален опус е доволен за барем уште десет вакви одликувања, но, на сите нас, а посебно на младите генерации во овие сложени и грди времиња, потребен ни е нов албум од вас, во овој формат.

Церемонија на одликувања со Орден за заслуги за Република Северна Македонија

Можеби ќе ве интересира: