Музика на кирилица

Пендаровски постхумно го одликуваше Зафир Хаџиманов со Орден за заслуги

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во Вила „Водно“, постхумно му додели Орден за заслуги на пејачот и актер Зафир Хаџиманов. Зафир постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми.

„Вториот лауреат е бардот на македонската популарна музична сцена, неповторливиот Зафир Хаџиманов. Овој плоден и сестран уметник преку музиката, поезијата, преку драмските и филмските улоги, умееше да зборува на јазикот на повеќе генерации и при тоа, лесно и незабележливо да поврзува различни луѓе и народи. Верен на своето македонско културно јадро, Хаџиманов умееше да ја интерпретира македонската изворна музика низ современи и популарни форми. Препознатлив по неговата широка насмевка, кралот на шансоните успеваше да ја плени публиката каде и да настапуваше. Сам, или во тандем со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, тој сними безброј звучни записи, ТВ-програми и го обиколи светот одржувајќи концерти и собирајќи награди и признанија за македонската, а и некогашната поширока југословенска култура“, рече Пендаровски во своето обраќање.

Хаџиманов почина на 27-ми март 2021 година. Одликувањето од Претседателот го прими неговиот син Васил.

Можеби ќе ве интересира: