Музика на кирилица

Почина доајенот на македонската народна музика Вања Лазарова

Вечерва на 86 години почина доајенот на македонската народна музика, познатата и никогаш незаборавна македонска пејачка на изворни народни песни Вања Лазарова која зад себе остави голем број на македонски песни кој никој и никогаш не ќе може да ги отпее. Вања Лазарова – Димитрова е родена на 27-ми април во 1930-та година во с. Страцин, Кратовско.

Извесно време работи во Операта при МНТ, а била член и на Државниот ансамбл на народни игри и песни “Танец”. Има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета II и премиерот Винстон Черчил. Посебен придонес има во соработката со групата “Анастасија” при создавањето на музиката за филмот “Пред дождот” на Милчо Манчевски кој доби награда “Златен лав” на фестивалот во Венеција во 1994-та година. Нејзиниот вокал е особено податлив за синтезите во етномузиката.

Вања Лазарова пеела со различни фолклорни ансамбли. Била член на ансамблот на Македонската радиотелевизија, а има настапувано и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пеачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи Poligram и Philips. Добитник е повеќе меѓународни музички награди. Продуцентската куќа “Трето уво” ги издаде нејзините први три албуми: “Македонски традиционални љубовни песни” – кој е дистрибуиран во Европа, Америка и Јапонија, “Ритмистика” – во соработка со водечки македонски музички имиња и “Лулка” – во соработка со американскиот гитарист Мирослав Тадиќ. Нејзиниот последен албум “Генофонија” е во соработка со групата Нав.

“Со маки сум се родила”, “Петро Петроленко”, “Многу ми го фалат бабо”, “Параходот ми замина”, “Легнала Ѓурѓа на рамно гумно”, “Во ливаѓе ладен извор има” се само некои од песните кои ги има отпеано и снимено. Вања Лазарова е добитник е на наградата “11 Октомври” за култура и уметност во 2014-та година.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: