Поп-рок музичарот Бени Шаќири денеска беше промовиран како кандидат за градоначалник за Скопје на коалицијата на партиите ЛДП и ДОМ.
“Јас, како активен учесник во рушење на еден режим, дадов глас и се залагав сесрдно да помогнам да се менуваат работите на подобро. Јас, како граѓанин на Град Скопје, сум лично изневерен. Така што, мислам дека треба да се обидеме сите заедно да направиме барем нешто што може да нè натера да успееме да го направиме овој град достоинствен за живот. Какви се денеска состојбите мене воопшто не ми се допаѓа и токму тоа е мојот мотив да се вклучам во овој процес, па макар и изгубил. Но, се разбира дека секој од нас оди понатаму, оди напред и се труди да дојде до победа. Без вас оваа наша намера нема да значи ништо, затоа ве молам да се приклучите на движење на ДОМ и ЛДП – Одлучно за промени. Доста молчевме и доста дозволувавме да доаѓаат маргиналци, да нè водат во пропаст. Конечно на Скопје му треба нормален градоначалник и нормален прв човек и носител на листа во Советот на Град Скопје”, изјави Шаќири.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски објасни зошто токму Шаќири е кандидат.
“Се работи за личности кои се исклучително ценети во својата професија, луѓе со авторитет, чесни и искрени, стари скопјани. Се работи за луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните, кои интересот на Скопје ќе го стават пред сè и над сè. Луѓе кои ќе обединуваат”, вели Милевски.
Шаќири со години настапува на предизборните настани на СДСМ, а пред неколку години беше предложен за директор на Младинскиот Културен Центар во Скопје.
Подготви: Редакција Музика24
