фото:portalnovosti.com
Познатата македонска пејачка Нина Спирова, која почина на 11-ти септември 2020 година на свои 82 години, починала и е погребана во селото Коштуниќи помеѓу Чачак и Горњи Милановац во Србија. Кога пред 2 години беше објавена веста дека почина Спирова, сите медиуми пренесоа дека таа починала во Филаделфија, САД. Тој податок е земен како точен и е дел и од нејзината биографија на Wikipedia. Новите информации ги сподели Синан Гуџевиќ во Портал Новости. Тој во текстот „Гробот на Нина Спирова“ откри дека пејачката неколку децении живеела во ова српско село.
“во Коштуниќи најдов луѓе кои исто така ја познаваа Нина Спирова и присуствуваа на нејзиниот погреб. Попот Ракиќ беше свештеникот кој ја предводеше погребната церемонија. Дваесет години беше во Коштуниќи и ја познаваше Спирова. Тој вели дека во парохијата дошол во 2000 година, а во тоа време Спирова веќе живеела во Коштуниќи. Била блиска пријателка со една мештанка од Коштуниќи, која работела во Америка, во Филаделфија. Кога таа мештанка се пензионирала, се населила во Коштуниќи, а тоа ја привлекло и Нина Спирова да се насели. Со нив двајца живеела и мајката на таа мештанка. ереј Ракиќ добро се сеќава на самиот погреб. Тој вели дека пријателите и роднините и подигнале споменик на Нина Спирова”, се вели во текстот.
Нина се повлече од естрадата кон почетокот на 1980-те години. Постојат информации дека Спирова живеела во Белград и Загреб, а потоа во Германија и Филаделфија. Сепак и овие информации не биле точни.
“нина спирова Никогаш не живеела во Филаделфија, понекогаш таму ја посетувала нејзината пријателка од Коштуниќи. Новинарите напишаа дека Спирова живее и во Америка и во Германија, а луѓето кои веруваа во тие вести, ги сфатија како веродостојни. Така излезе веста дека Нина Спирова живее во Чачак, а не живеела во Чачак”.
Спирова е погребана на селските гробишта во Коштуниќи. На нејзиното вечно почивалиште стои „истакнат уметник“. Статус кој таа го имаше во Србија, но не и во Македонија. Спирова имаше и српска пензија, но не и македонска.
