Музика на кирилица

Скандал на “Прилеп фолк фест”: Новинарите непожелни на афтер парти, организаторите и учесниците презадоволни (Фото)

Како што беше најавено, така и се случи. После подолга пауза од неколку години, “Прилеп фолк фест” се оддржа пред прилепската, односно, македонската публика која пројави интерес и е се повеќе желна за вакви музичко-забавни настани. Фестивалот тоа и го докажа.

И иако ревијален без награди и натпревар меѓу учесниците, сепак, на сцената се појавија голем број на познати македонски имиња кои вистински значат на нашата македонска фолк сцена. Тука ќе ја споменеме Блага Петреска која доби награда за Трајни вредности, таа пред публиката дури и се расплаче и емотивно изјави дека постои пред се поради публиката и дека премногу го сака Прилеп и прилепчани. На семејството на Димитар Димитров Граденец од Република Бугарија беше доделена награда за Животно дело и афирмација на македонската музика низ светот. Македонската радио телевизија доби признание за поддршка и соработка на манифестации од областа на културата во Општина Прилеп, а награда за меѓународно афирмирање на македонската музика доби Драгица Радосављевиќ Цакана, која и покрај тоа што доаѓа од соседна Србија се потруди да ја поздрави публиката и да се заблагодари на македонски јазик.

Фестивалот уште пред да започне, денови наназад се обидувавме да дознаеме информации кои ја засегаат пред се јавноста, и сите оние со кои се засегнати и вклучени во организирањето и помагањето на самиот фестивал. Иако на неколку наврати се обидувавме да добиеме информација од Општина Прилеп за тоа на кој начин и како го помагаат овогодинешното издание на “Прилеп фолк фест”, не добивме информација од таму.

Организаторот на фестивалот Борче Нечоски, на прес-конференцијата на новинарско прашање на колешката од “Свет Аустралиа” останал занемен и без одговор велејќи дека тоа се бројки и дека за истите не се разговара заборавајќи дека тие бројки се финансии од општината, односно, од граганите на Општина Прилеп.

Фестивал како фестивал беше одлично организиран, секоја чест за сето тоа. Имаше голем број на песни кои веруваме ќе бидат хитови во следниот период, тука ќе ја издвоиме Елена Велеска која пееше за родниот град Прилеп, Зуица Лазова која отпеа страшно тешка и убава балада, Сузана Гавазова која отпеа песна баш во нејзин стил… и многу други кои веруваме во идниот период ќе ви бидат многу добро познати.

На крајот од фестивалската вечер беше интересно, верувајте и изненадувачки кога од ПР тимот на фестивалот ни беше кажано дека афтер парти забавата која секогаш се случува после ваков голем настан и која се случуваше во познат прилепски ресторан, новинарите не се поканети и дека истата таа забава е само за организацијата и учесниците. Толку многу концерти, фестивали, големи и мали настани од секаков тип имаме посетено, но ова што ни се случи на “Прилеп фолк фест” беше непријатно изненадување за сите новинари кои очекуваа информација за каде и што после фестивалот. ПР-от е задолжен за споделување на информации и како ќе му биде кажано така истиот тоа го соопштува, но организаторите да се прашаа каде ли ни се новинарите без кои реално не можат, бидејќи да не сме ние кои известуваме за фестивалот тој ќе биде и ќе остане како локален настан во Прилеп и никој ништо нема ниту да дознае ниту да прочита или пак да погледне. Ова е голем пропуст на организаторите и се надеваме и веруваме дека во иднина истиот нема да се повтори, бидејќи секое повторување на грешката незначи дека е грашка, туку дека е веќе намерна, умислена “грешка”.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: