Фоклоника – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца, ја создаде првата „Скопска музичка фолк тура“. Овој иновативен проект е посветен на зачувувањето и промоцијата на македонската фолклорна традиција на Скопје, со цел да ги едуцира најмладите преку единствена и автентична програма.
Турата претставува своевиден времеплов низ музичкото и културното наследство на градот, преку кој учесниците имаат можност да ја запознаат историјата, музиката и традиционалните вредности на македонскиот народ.
„Горди сме што создадовме ваква приказна која ги поврзува музиката, историјата и културата на Скопје. Намерата е младите да се инспирираат и да ја засакаат македонската народна музичка традиција како дел од нашиот национален идентитет. Ова е нашата мисија“, изјави Душко Георгиевски, претседател на Фоклоника.
Првата станица на турата ги носи посетителите во Музејот на Македонија, каде што се претставени народни носии, инструменти и обичаи, кои ја оживуваат македонската традиција. Посетителите имаат уникатна можност да ја слушнат Бајса Арифовска, мајсторка на изворни и староградски инструменти. Низ нејзините настапи, таа ги оживува звуците на кавалот, гајдата, тамбурата, тапанот и многу други.

Во Старата скопска чаршија се наоѓа дуќанот „Гиевски“, каде што мајсторите Димитар и Љубомир Гиевски ја продолжуваат 80-годишната традиција на рачна изработка на народни инструменти, како симбол на врвен квалитет и автентичност. Најдобрите примери за традиционалната изработка на инструменти се прикажани преку работата на Стојанче Костовски, кој создава кавали, зурли, гајди и тапани, носејќи ја македонската музика во секој дом.
Проектот има за цел не само да ги едуцира младите низ училиштата, туку и да привлече туристи од целиот свет. Во таа насока, Фолконика организира едукативни работилници за туристички работници, со што „Скопската музичка фолк тура“ ќе стане значаен дел од туристичката понуда на Скопје.
Поддржан од Град Скопје, проектот претставува нов и автентичен начин за промоција на македонската фолклорна традиција, кој ги спојува културното наследство, музиката и младите генерации во единствена авантура низ времето.
