Музика на кирилица

Наум Петревски: Следниот голем концерт ќе го правам на градски стадион (Фото)

Вечера вечер во еден од рестораните во Дебар маало, познатиот и популарен фолк пејач Наум Петревски ја промовираше неговата најнова песна “Напишав песна”. Неговата сопруга, познатата фолк пејачка и водителка Зуица Лазова која беше и водител на промоцијата, пред сите јавно му го честиташе роденденот на Наум, а воедно започна со официјалниот дел на промоцијата.

“Вечерва славиме две раѓања, два родендена. Кога мама Анастасија пред неко 50-на години кога го роди своето мачко чедо не ни сонуваше дека тој со силниот плач ќе го развива своето силно грло, ненапеано, ненадпеано, ненапиено… на кое што цел Балкан му завидува, а сите со право му се насладуваат”, со овие зборови започна Зуица, а веднаш потоа продолжи…

“Денес Наум Петревски го слави својот роденден, ние сите ти честитаме од срце, и сите ние тука собрани заедно да прославиме. Но денеска ќе прославиме уште едно раѓање. Раѓање на едно ново музичко чедо. Наум ја започна соработката со нив пред три-четири години кога заедно направија неколку песни кои се најдоа на албумот кој што за 50 годишницата од својот живот и 30 години од својата кариера, ги промовираше заедно со албумот “Грло ненапеано” во издание на Аворд продукција и заедно со неа. И имаа навистина плодна и успешна соработка и тие напишаа песна. Ја крстија “Напишав песна”, поточно музиката и текстот ги напиша Блаже Темелков, а ја аранжираше Дарко Тасев, ја отпеа Наум Петревски, ја издава Аворд продукција и сите тие заедно Ви ја подаруваат”, додаде Зуица Лазова, водител на промоцијата.

Веднаш по официјалниот дел на промоцијата, присутните имаа ексклузивна привилегија и можност да ја чујат песната, а воедно и да видат карди од снимањето на спотот кој е во завршна фаза и е во реализација на Арт Студио. А што изјави Наум Петревски за Музика24 по повод промовирањето на песната, прочитајте во продолжение.

Музика24: Името на песната “Напишав песна”, многу нетипично, многу интересно. Песната на прво слушање остава силен впечаток. За прв пат наум го чувме во една како позабавна верзија, меѓутоа успеа да и ја даде длабочината со својот глас на оваа песна. Колку беше тешко да се испее оваа песна?

Наум Петревски: Во секој случај не е лесна песна. Мислам дека е животна песна. Нема човек што не се заљубил во животот, нема човек што немал несреќна љубов.Така да мислам дека ќе допре многу длабоко кај секого во срцето.

Музика24: Тоа е она, кога песната ќе те допре песната останува засекогаш, нели?

Наум Петревски: Прво се гледа како ја имам отпеано јас. Како ја снимав така и самиот се ежев на…

Музика24: Тоа се забележува, дека има жива емоција. Кажи ни, како дојде до таа спојка типични забавњаци да посакаат за наум да направат песна?

Наум Петревски: Па ние соработуваме веќе 4 години и јас мислам дека за балади и за народна музика типично е дека рокери можат да направат убави песни. Еве Љубчо Трајковски-Фис беше рокер ми ги напиша најубавите песни (се смее).

Музика24: На промоцијата има многу колеги, многу убава адмосфера, верувам дека и тебе ти значи сево ова. За спотот е најавено дека наскоро че биде завршен, забележавме една убава љубовна приказна со млади манекени, која е девојката што учествува во видео спотот?

Наум Петревски: Актерите се одбрани од Арт Студио, значи тие си ја знаат својата работа. Јас се појавувам во една мал фрагмент да не ги плашам луѓето (се смее). Сепак 53 години се друго, 20 години се друго. Оваа песна е напишана за сите возрасти, меѓутоа е повеќе за помладите.

Музика24: На кои се локации го снимавте видео спотот?

Наум Петревски: Видео спотот е снимен во околината на езерото “Младост”. Тука е хотел “Романтик”, бродот и така.

Музика24: Најави дека ова е пилот песна, дали тоа значи дека ова е најава за нешто поголемо?

Наум Петревски: Да, ќе имаме уште многу песни и се стремиме да ја привлечеме токму помладата публика со овие песни. Тоа е целта.

Музика24: Каде Наум ќе ја дочека и прослави Новата 2020-та година?

Наум Петревски: За новогодишните празници веројатно ќе бидам во Струга, со семејството во домашна адмосфера, бидејќи такво е времето не се случува баш нешто специјално.

Музика24: По големиот концерт кој што го одржавте во Матропилис арената и кој е веќе зад нас, кога повторно може да ве видиме на голем концерт пред македонската публика?

Наум Петревски: Здравје, планирам за две години. Уште една година имам да направам уште неколку песни и да се направи еден албум. Може концертот и на стадион да го направиме (се смее).

На промоцијата освен редакцијата на музичкиот портал Музика24, беа присутни и колеги новинари од интернет порталот “Свет Аустралија” со кој медиум имаме одлична соработка, екипа од Македонската телевизија, како и од македонската телевизија во Австралија ИНтв. Од познатите и јавни личности на промоцијата ги забележавме Милица Кузмановска, Андреј од “ДНК”, Орце Гелевски, Вледимир Поповски… како и многу добри пријатели и соработници.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: