Музика на кирилица

Старата чаршија како сцена: Прилеп добива своја серенада – познати имиња зад новиот музички проект

Познатото музичко дуо Александар Митевски и Драган Спасов Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска престојуваат во Прилеп, каде започнува снимањето на видео запис за нивната најнова серенада инспирирана токму од градот под Марковите Кули.

Станува збор за емотивен музички проект кој, како што велат авторите, носи „мирис на тутун и топлина од прилепчани“. Песната е создадена како омаж на градот, неговата историја и луѓето, доловувајќи го оној препознатлив дух на Прилеп – тивок, но силен, искрен и длабоко вкоренет во традицијата.

Снимањето ќе се реализира на повеќе препознатливи локации низ градот, додека централниот дел од атмосферата ќе се пренесе од Стара чаршија Прилеп, каде околу пладне се очекува и непосредна средба со граѓаните. Организаторите најавуваат топла и спонтана атмосфера, исполнета со музика, насмевки и автентични моменти кои ќе станат дел од финалниот спот. Поддршка на овој проект дава и Витаминка, кои ја препознаа идејата и застанаа зад оваа музичка приказна, со што дополнително се потенцира значењето на локалната култура и уметност.

Со оваа серенада, Прилеп станува главен лик во една музичка приказна која ветува дека ќе разбуди емоции кај публиката и ќе остави траен белег на македонската музичка сцена.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: