Минатиот петок, групата Суперхикс го одржа својот прв концерт во Грција, пред повеќе од 1.200 луѓе во рамките на второто издание на “Балкан фест”.
“Позитивно сме изненадени и воодушевени од пречекот и гостопримството што го доживеавме на “Балкан фест”. Посебно, затоа што по цели 19 години постоење, ова ни беше “сефте” во Грција, а бевме најавени и го отсвиревме овој концерт, како хедлајнери. Уште еднаш се покажа дека музиката руши секакви бариери, а и некако добивме впечаток дека на младите таму им е преку глава од “прашањето за името”, па без проблем се претставивме пред публиката како бенд од Македонија, Македонци и слично. Настрана од политиката, ова е важен чекор до конечното обединување на младите луѓе од регионот и затоа едно големо “Ефхаристо Поли” до солунци, “Балкан фест” и “Блок33”. Секоја чест и се гледаме пак на следниот “Балкан фест”, велат од Суперхикс по настапот на “Балкан Фест”, кој се одржа во клубот “Блок 33” во Солун.
Целта на овој солунски фестивал, беше да ја потенцира балканската култура и различните карактеристики на луѓето од Југоисточна Европа, со цел да прерасне во мост кој ќе ги поврзува балканските култури и културни активисти. Суперхикс воедно беа и првиот македонски бенд кој настапи на “Балкан фест”, а покрај нив годинава фестивалот ги пречека, Баилдса (Грција) и Оратница (Бугарија).
Подготви: Александра Блажевска
