Утрово тажна вест ја разбуди македонската јавност. Почина Есма Реџепова – еден од најголемите музички амбасадори на Македонија во светот и секаде славена како кралица на ромската музика.
Есма почина по кратко боледување, на свои 73 години. Есма беше жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас, благодарение на ангелскиот глас стана светски прифатена и призната. Со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност. Во 2013-та година ја доби и престижната титула “Национален уметник на Република Македонија”.
Легендарните изведби на “Џелем џелем”, “Чаје шукарије”, Зошто си ме мајко родила”, “Зајди зајди”… ќе останат засекогаш запаметени, а свои соработки имаше и со врвни македонски музички имиња како Тоше Проески, Калиопи и Влатко Лозаноски. Неброени концерти секаде во светот, неброени хуманитарни акции, дарувања на оние кои немаат.
Почивај во мир, кралице!
Подготви: Редакција Музика24
