На 49-то издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја претставуваше нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претстави со песната “Life”, која всушност беше преработена верзија на оригинално избраната “Ангел си ти”. Оваа песна беше избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.
Инаку, музиката и аранжманот на песната “Ангел си ти” се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција беше убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допадна и на самиот Тоше.
На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направија артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 поени се пласираше на 14-тото место.

Иако Тоше не беше задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекаа својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.
На 23 јуни 2006 година се случи вториот голем солистички концерт на Тоше, на Градскиот стадион. Спектакуларниот концерт започна со атрактивна танчерска група од Белград и во ритамот на придружниот состав на Тоше, Blue Funky Individuals. Воведните стихови на огромниот хит “По тебе”, ветуваа дека журката на Градски ќе биде незаборавна.
Легендарната Јужна трибина беше преполна, како и тревникот пред бината, што уште повеќе го мотивираше Тоше да го даде својот максимум. Се редеа хитовите од албумот: “По тебе”, “Рани на усните”, “Громови на душа”, “Кој ли ти гризе образи”, “Полско цвеќе”…, како и песните од претходните изданија: “Во коси да ти спијам”, “Лејди”, “Излажи ме”, “Сонце во твоите руси коси”, “Далеку од мене”, “Ангел си ти”… Секоја од нив беше прифатена еуфорично.
Некаде на половината на концертот, на сцена се појави етно пејачката Биља Крстиќ, која во дует со Тоше ја испеа Јовано, Јованке, а додека Тоше се пресоблекуваше, Биља ја почести публиката со својот голем хит “Пуче пушка” од филмот Зона Замфирова. Со неверојатна енергија, Тоше беше брилијантен и во другиот дел од концертот, кој официјално заврши длабоко по полноќ.
На бисот уште еднаш ја отпеа “По тебе”, како и “Зајди, зајди”. Веднаш после концертот Тоше замина за Будва.
