Синоќа, во дискотека во Кочани, за време на концерт на позната група ДНК, избувна страшен пожар кој, според првичните информации, однесе најмалку 50 животи. Според изворите, пожарот најверојатно бил предизвикан од употреба на пиротехнички средства, но официјалните причини сè уште се истражуваат.
Повредените, кои се здобиле со сериозни изгореници и проблеми од вдишување чад, итно беа пренесени во повеќе болници низ државата. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје се хоспитализирани 27 лица, 24 на Клиничкиот центар, а во болницата „8 Септември“ се примени 18 пациенти, од кои двајца се во критична состојба. Дополнително, дел од повредените се префрлени во Клиничката болница во Штип.
Пред Болницата во Кочани владее огромна неизвесност – роднини и блиски на жртвите и повредените чекаат информации за своите најмили. Општинската организација на Црвениот крст активно работи на правење списоци за идентификација на загинатите.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, веќе се наоѓа на местото на трагедијата, а на терен пристигна и премиерот Христијан Мицкоски. Сите надлежни служби, вклучувајќи јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, се ангажирани во истрагата за утврдување на сите детали поврзани со несреќата.
Бројот на жртви и повредени сè уште не е конечно потврден, а увидот и истрагата се во тек.
