Македонската естрадна сцена никогаш не ги заборави Сашка Петковска и членовите на балетската група “Авона”. Денеска се навршуваат 30 години од кобната сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе кога настрадаа девет лица, естрадни уметници, нивни пријатели, колеги, како и припадници на тогашната ЈНА. Несреќата не дозволи тие да го одржат концертот за припадниците на Југословенската армија кои се наоѓаа на извршување на редовните обврски кај Свети Николе. На 31 август 1983 година меѓу деветте жртви во тешката сообраќајна несреќа беа Сашка Петковска, како и членовите на “Авона” – Пепи, Еви и Вељко (Ташо).
“Иако поминаа три децении од нивната смрт, сепак, сеќавањата за Сашка и мојот добар пријател Вељко, како и за Пепи и Еви никогаш не избледеа”, вели Панде Димитровски, продуцент. Тој последните неколку години се зафати со проект со кој на специфичен начин се обидува да ја потсети македонската јавност на оние естрадни уметници кои не се меѓу нас, а оставиле силен печат во македонската музичка историја.
“Во мојата продуцентско-организаторска дејност ја реализирам манифестацијата “Незаборав” во рамките на битолското културно лето “Бит-фест”, што им ја посветувам на познати естрадни имиња. Неслучајно првата манифестација и беше посветена на Сашка Петковска, еден од најдобрите вокали на сите времиња на македонската сцена”, вели Димитровски. Балетската група “Авона” остави белег со своето работење кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години. Македонските “локици” се разликуваа од своите колеги по тоа што во редовите го имаа и Вељко Павичевиќ. Во првата постава беа Фроска, Пепи, Жане, Бети и Вељко. Подоцна се приклучи Вељка и Еви. “Авона” како балетска група во своите настапи придружуваше повеќе југословенски и македонски естрадни имиња, а настапуваа и на модни ревии како фотомодели и на “Скопски фестивал”.
Превземено од: Утрински Весник
