Како што веќе на неколку наврати Ве информиравме, вечерва започнува 30-то јубилејно издание на реномираниот и најпознат фолк фестивал во Македонија “Фолк Фест Валандово”, на кој што оваа година ќе настапат голем број на познати македонски изведувачи. Еден од нив е и познатиот изведувач и композитор Оливер Глигоров кој што настапува утре 17-ти октомври односно на втората полуфинална вечер под реден број 5 со сопствената композиција “Ќе ти пеам од срце” со текст на Мирче Карамучев и аранжман на Тодор Трајчевски.
Инаку, младиот Оливер Глигоров досега освен што има настапувано на речиси сите фолк фестивали во Македонија, од него песни имаат испеано и голем број на познати македонски музички имиња од фолк естрадата, меѓу кои слободно ќе ги споменеме Даниела Темелковска, Јорданка Смилевска, Дуле Жрновски, Зоран Панделиев, Вера Трајковска од Австралија, Јулија, Круме Спасовски, Ване Грозданов… и уште многу познати музички фолк имиња.
Досега има добиено голем број на награди, признанија и благодарници, а како едни од поважните досега ќе ги споменеме, втора наградата од публика на минатогодишното издание на “Фолк Фест Валандово” кога тој се јавува како автор на музиката и аранжманот на песната “Животот ни носи се” во исполнение на Даниела Темелковска и Даниел Блажевски. Истата 2013-та на “Филиграни” се закитува со награда овој пат трето место од стручното жири за песната “Да живее младоста” каде повторно се потпишува како автор на музиката и аранжманот, во исполнение на Вера Трајковска од Австралија, чии албум е комплетно подготвен од страна на младиот Глигоров. Оваа година младиот Оливер повторно беше награден за своја композиција на “Гоце фест”, награда за најдобар аранжман, награда за сценски настап и награда “Јонче Христовски” за композицијата “Еј самовиле цар македонски” во исполнение на Зоран Панделиев.
Изведувачот и композитор Оливер Глигоров ексклузивно за специјализираниот македонски музички портал Музика24, изјави дека на големо го подготвува својот нов албум кој ќе биде снимен во студиото “Кактус” кај исто така на далеку познатиот изведувач и композитор Горан Милошески. Освен тоа младиот Оливер најавува уште еден проект кој сега за сега не го открива, но за Музика24 вели дека станува збор за ново ЦД издание за наша позната македонска фолк ѕвезда каде што освен неколку текста, се потпишува на комплетно сите композиции како автор на музика и аранжман.
До неговиот утрешен настап на новото јубилејно издание на “Фолк Фест Валандово”, Ви предлагаме да го преслушате и видите неговиот настап каде младиот пејач ја изведува легендарната “Огин и пламен”, од легендарниот и никогаш незаборавен Гоце Арнаудов.
http://youtu.be/kc_O4zg5LtM
Подготви: Иван Јосимовски
