И денес, кога изминуваат 14 години од она утро кога сите се вознемиривме од веста дека нашата музичка легенда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа, Охрид не го заборави. 14 години подоцна точно напладне се огласија сирените од бродот „Армада“ од градското пристаниште, проследени со мелодијата на една од најтажните композиции од Тоше, „Игри без Граници“. Музиката на Тоше одекна и од охридската гимназија. Иницијативата за оддавање почит на Тоше на овој начин, втора година по ред е од Лајанс клубот „Лихнидос“.
Иако тој имаше само 26 години, зад себе остави импресивно музичко наследство на кое се поклонуваат речиси сите музички мајстори, како на Балканот, така и низ светот. Издаде седум албуми и со своето златно грло испеа голем број на хитови кои и ден денес се пуштаат по радио и телевизиските станици ширум Македонија и низ Балканот. Посебно место во неговото срце имаше македонската народна музика, и благодарение на неговите одлични преработки денес се инспирираат и истата ја негуваат младите генерации.
Непосредно по тажната вест за трагичната смрт на Тоше Проески на 16-ти октомври 2007 година, илјадници млади и повозрасни граѓани на Охрид спонтано се собраа на градскиот плоштад и тивко се простуваа од идолот на нацијата. Утрото по смртта на Тоше во кафулињата околу Плоштад беше тивко, луѓето ги читаа весниците преполни со текстови за непрежалениот македонски херој.
Oхрид, Македонија и Балканот, денес се сеќаваат на неповторливиот Тоше на разни начини. Се слуша неговата музика, се организираат пригодни настани кои не потсетуваат на извонредниот музичар, кој беше многу повеќе од тоа.
Видео: OhridNews
